Богојески: Ахмети создава историја на Албанците во Македонија, вие не ја гледате!
Петар Богојески, промоторот на платформата Македонски концепт преку својот официјален фејсбук профил излезе со остра реакција откако на фејсбук почна да се споделува фотографијата од министртеи и високи функционери на ДУИ како го прославуваат роденденот на лидерот на партијата, Али Ахмети во салата за состаноци и тоа на денот на вселување во новата зграда на Министерството за политички систем и односи со заедниците со кое раководи Артан Груби.
Сепак, Богојески вели дека некои на сликата гледаат роденден, други гледаат нова зграда на Министерството за политички систем и односи со заедниците, трети корона мерки, а тој гледа историја на Албанците во Македонија која ја испишува лидерот Ахмети.
“До толку ли не гледате дека Али Ахмети на дневна основа создава историја и тоа не историја на Македонија, туку историја на Албанците во Македонија и нивната улога во државноста на македонската република на почетокот на 21от век. Ако веќе гледате зграда, тогаш гледате во “новата албанска влада” во Македонија, водена од “прв заменик на официјалниот премиер”, која функционира автономно”, пишува Богојески.
Според него, за ова ќе се учи еден ден во историските учебници и ќе има посебна лекција во учебниците насловена “Улогата на Албанците во македонската република на почетокот на 21от век”.
Етнонационализмот пред државниот национализам е нешто кое, порачува Богојески, никогаш нема да поддржи. Нешто слично како ова се македонските “патриоти”, кои немаат грам државотворност во себе.
“Македонските етнонационализми ќе ја докрајчат Македонија”, заклучува тој.