Богоев: Во ВМРО-ДПМНЕ има структура која поинаку размислува од Мицкоски

Во ВМРО-ДПМНЕ има сериозна група на луѓе кои не размислуваат исто како актуелниот лидер и тесното раководство на партијата и сакаат да го поддржат европскиот пат на државата, рече во интревју за ТВ21 потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.
„Има таму едно поголемо, посериозно, проевропско крило, кое не го составуваат само пратеници, туку во тоа проевропско крило на ВМРО-ДПМНЕ има и градоначалници на сериозни општини, функционери на партијата. Јасно е дека референдумот е за внатрешна употреба, односно по неуспешните обиди за дестабилизација на државата и преврат на власта со протестите летово и хистеријата што ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја создаваа, сега повторно мора нешто да се „продаде“ на членството во ВМРО-ДПМНЕ„ рече Богоев.
Потпретседателот Богоев додаде дека ова проевропска групација во партијата сакаат да го поддржат европскиот пат на државата, а во оваа насока и можноста за уставни измени.
„ ВМРО-ДПМНЕ и Левица никаде не ги доведе ова работење против стратешките интереси и ширењето хистерија. Тоа се покажа и на вонредните избори каде им се случи дебакл“, додаде потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во гостувањето на ТВ 21.
Тој исто така рече дека нема бугаризација, јазикот е потврден а историјата не ни е украдена.
„Ако прашаме некој дипломат или претставник на било која држава во Македонија на кој јазик Стефан и Љубиша збореа во дебатната емисија на ТВ21 во понеделник сабајле, ќе ви речат дека зборуваме на македонски јазик. Каде е бугаризацијата? Јазикот се потврди. Кој дел од историјата ние чувствуваме дека ни е украден или ни го нема за разлика од пред месец и половина кога се правеше хистеријата“, прашува Стефан Богоев.