Богоев во ИГМ Трејд: Олеснувањето на трговијата клучно за забрзан раст на економијата


„ИГМ Трејд е еден од најголемите домашни инвеститори во државата со вкупни инвестиции на ниво на групација во 2023 година од 15 милиони евра и извоз од 120 милиони евра. Оваа компанија е пример како со визија може да се прерасне во светски гигант кој е препознатлив и на меѓународниот пазар. Континуираниот дијалог со македонските компании е во насока на креирање ефективни политики и мерки со коишто ги подобруваме услугите, а со тоа и условите за водење бизнис. Ова е клучно за остварување забрзан раст на економијата, што придонесува за повеќе работни места и подобрување на животниот стандард“, истакна директорот на Царинската управа Стефан Богоев при посетата на македонската компанија ИГМ Трејд во Кавадарци.

„Како институција која е партнер на македонските компании, од голема важност ни е спроведување реформски политики и имплементација на мерки коишто за компаниите ќе значат олеснување на трговијата, а преку имплементација на системи коишто ќе придонесат за отстранување на бирократските процедури и побрзо издавање на потребните одобренија за увоз и извоз. Во моментов преземаме активности за имплементација на Национален едношалтерски систем, кој подразбира имплементација на еден цел реформски процес во кој се вклучени 16 институции се со цел да се овозможи олеснување и забрзување на трговијата како клучно за подобрување на условите за водење бизнис и забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Паралелно работиме и на унапредување на останатите системи и нивно усогласување со системите што се користат во ЕУ“, вели Богоев.

ИГМ трејд како безбеден и сигурен партнер на Царината, користи одобрение за овластен економски оператор што им овозможува побрзи и поевтини прекугранични постапки, одобрение за одобрен извозник што им овозможува извоз за пократок временски рок, за поедноставени постапки за локално царинење при увоз и извоз, а компанијата поседува и одобренија за поедноставени постапки за овластен примач и овластен испраќач што им овозможува поедноставено спроведување на транзитни постапки.