Богдановиќ: Општина Центар од блокирана, сега не должи ништо
Кога дојдовме како раководство во Општината, наследивме обврски од околу 4,5 милиони евра. Преземајќи одредени чекори успеавме да постигнеме завидни резултати со кои ја вративме економската и финансиската стабилност на Општината. Денеска Општина Центар воопшто не должи средства. Од Општина која минатата година се соочуваше со судски пресуди, блокади, денеска е Општина која воопшто не должи и има околу 140-150 милиони денари на сметка, со сите расчистени обврски и со воведен мораториум.
Ова денеска го соопшти градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на средбата со медиумите по повод две години од мандатот и роденденот на општината.
Богдановиќ потсети дека тие се единствената Општина која почнала со ревидирање на деталните урбанистички планови (ДУП-ови) и покрај, како што рече, многу забелешки од разни страни, а тој успешен пример почна да се применува и во Струга и во Охрид, по забелешката на УНЕСКО. Досега се донесени три детални урбанистички плана, а уште два се подготвени за на седница на Советот и тоа за Пролет и Тасино чешмиче 2.
Градоначалникот Богдановиќ информира дека во населбата Пролет предвидуваат изградба на монтажен паркинг и градинка, дополнително осовременување со нови машини и целосно автоматизирано работење и чистење на општината, нова урбана опрема…
Тој нагласи дека во изминатиот период вложиле многу труд и енергија, а голем успех за Општината е што успеала да ја врати ингеренцијата за користење на државното земјиште кое, како што рече, досега од одредени причини не беше дадено на општината, иако и претходното раководство го барало тоа. И тоа земјиште беше продавано за одредени потреби, пред се проектот „Скопје 2014“, информира Богдановиќ, додавајќи дека за овој проект водат одредени постапки и најави дека дополнително ќе известуваат, предмет по предмет.
Богдановиќ рече дека за две години постигнале 60 отсто од планираното и додаде оти ефектите допрва ќе следуваат, посебно во 2020 година.
Потсети на дел од реализираните проекти, како изградба на ОУ „Киро Глигоров“, расчистени над 25 диви депонии, асфалтирани 23 улици, се реконструираат градинките и нивните клонови, изградени се седум детски игралишта, досега се субвенционирани 26 згради за покриви и за лифтови, од оваа година ќе почне и обнова на фасадите, за што се пријавени 15 објекти…
Во рамки на одбележувањето на 43 години од формирањето на Општина Центар, оваа недела се предвидени повеќе настани и активности – ќе биде доделена годишната награда „Феникс“, ќе бидат отворени спортски игри, ќе бидат доделени стипендии за талентирани ученици и стипендии од областа на науката, ќе бидат организирани приредби.
Богдановиќ информира дека ќе бидат засадени и 43 садници, најавувајќи дека следува период на зазеленување на Општина Центар.