Богатството на членовите на администрацијата на Трамп поголемо од БДП на 160 земји
Кога Доналд Трамп по вторпат ќе положи заклетва на 20 јануари, тој не само што ќе стане најбогатиот претседател во американската историја со имот од околу шест милијарди долари, туку ќе ја предводи и најбогатата влада во светот.
Богатството на идните лидери на американската администрација се проценува на повеќе од 346 милијарди долари, што го надминува бруто домашниот производ (БДП) на повеќе од 160 земји. За концентрацијата на финансиската моќ говори и податокот дека кабинетот на Трамп во првиот мандат беше „тежок“ само шест милијарди долари.
Иако за време на претседателската кампања вети дека ќе биде „шампион“ за Американците од работничката класа, Трамп им подели владини работни места на богати донатори, успешни претприемачи и берзански посредници од Вол Стрит, пишува Гардијан.
Џаред Ајзакмен (41), првиот цивил кој прошета во вселената, назначен за шеф на вселенската агенција НАСА, е деветтиот милијардер кој доби позиција во администрацијата на новоизбраниот американски претседател. Ајзакме, кој според Форбс заработил богатство од три милијарди долари од бизнисот на неговата компанија за електронско плаќање, ќе го замени директорот на НАСА Бил Нелсон (82), поранешен демократски сенатор од Флорида, кој беше назначен од претседателот Џо Бајден.
Милијардерскиот „дрим-тим“ на Трамп го предводи најбогатиот човек на светот Илон Маск, чиј имот се проценува на 336 милијарди долари. Првиот човек на „Тесла“, „Спејс Икс“ и платформата „Х“, кого лондонски „Индипендент“ го нарече „Сорос на политичката десница“ поради идеологијата што ја застапува, ќе го предводи новиот оддел за ефикасност на владата заедно со бизнисменот Вивек Рамасвами. Нивната цел е да го направат административниот апарат помал и поефикасен со намалување на масата на федералните регулативи, агенции, а со тоа и непотребното трошење.
Имотот на Вивек Рамасвами (39), кој го привлече вниманието на јавноста како кандидат на републиканските прелиминарни избори, се проценува на 1,1 милијарда долари. Бизнисменот Рамасвами, со дипломи од престижните универзитети „Харвард“ и „Јејл“, се збогатил со биотехнолошката компанија „Роивант Сајанс“, која ја основал во 2014 година.
Трамп објави и дека го назначува Ворен Стивенс (67) за свој амбасадор во Обединетото Кралство. Неговото богатство се проценува на 3,4 милијарди долари. Стивенс, еден од главните донатори на кампањата на Трамп, ја предводи инвестициската банка Stevens Inc. со седиште во Арканзас, која ја основаше неговиот вујко пред речиси еден век.
Минатиот викенд, новоизбраниот американски претседател го назначи Чарлс Кушнер за нов амбасадор во Франција. Таткото на Џаред Кушнер, зетот на Трамп, е поранешен магнат за недвижнини. Чарлс Кушнер претходно беше осуден за даночно затајување и одмаздничка шема која вклучуваше местење на секс скандал против неговиот шура. Трамп го помилува во 2020 година, велејќи дека Чарлс станал „посветен на важни филантропски организации и цели“. Според последните проценки на Форбс, „компаниите Кушнер“ имаат пазарна вредност од речиси три милијарди долари, а Чарлс и неговата сопруга Шерил поседуваат околу 20 отсто од компанијата.
Линда Мекмахон, кандидатот на Трамп за министер за образование, има богатство од три милијарди долари, а беше копретседател на преодниот претседателски тим заедно со милијардерот Хауард Латник. Таа е поранешен извршен директор на професионална медиумска компанија за борење (WWE).
Изборот на Трамп за министер за трговија Хауард Лутник е „тежок“ 1,5 милијарди долари. Голем поддржувач на воведувањето високи царини, клучна компонента на економската политика на Трамп, Лутник е извршен директор на компанијата за финансиски услуги Кантор Фицџералд.
Копретседателот на инаугуративниот комитет на Трамп, инвеститорот во недвижнини Стив Виткоф, е именуван за специјален пратеник на Блискиот Исток. Имотот на овој долгогодишен пријател на Трамп се проценува на една милијарда долари. Тој поседува 51 имот, вклучувајќи ја и зградата Вулворт на Менхетен.
Кандидатот за министер за финансии, Скот Бесант формално не е на листата на Форбс, но неделникот „Њусвик“ смета дека, според сите проценки, тој е милијардер. Според Блумберг, овој поранешен менаџер на Џорџ Сорос, ентузијаст за криптовалути и основач на инвестицискиот фонд „Key Square Capital Management“ се очекува да донесе поголема стабилност на американската економија и финансиските пазари.