БМВ се спојува со Јагуар ланд ровер


Германската компанија БМВ се спојува со најголемиот произведувач на автомобили во Велика Британија, Јагуар ланд ровер  (ЈЛР), пишува лондонски „Гардијан“.

Гигантите се одлучија да го преземат тој чекор за да ги намалат трошоците и да напредуваат во трката за производство на електрични автомобили на масовниот пазар.

Компаниите наведуваат дека ќе работат заедно на развојот на електрични мотори, менувачи и енергетска електроника во најновата алијанса формирана за решавање на предизвиците што ги поставуваат електричните автомобили и автомобилите без возачи.

Техничкиот директор на ЈЛР, Ник Роџе, вели дека партнерството ќе биде взаемно корисно во време кога автомобилската индустрија се соочува со најголемите технолошки промени. Тој рече дека времето се менува и дека потрошувачите се повеќе се заинтересирани за електрични возила и затоа е важно да се работи на напредна технологија.

Членот на Управниот одбор на БМВ, Клаус Фројлих рече дека двете компании заедно ќе имаат можност поефикасно да ги задоволат потребите на клиентите со скратување на времето за развој и побрзо пласирање на возилата и најновите технологии на пазарот.

БМВ беше еден од првите големи производители на автомобили што лансираа целосно електричен автомобил, а ЈЛР исто така има електричен автомобил, додека двете компании имаат низа хибридни модели.