Блупринт групата бара внимателност во постапката против Беса Адеми

По одржаната денешна јавна седница за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Блупринт групата за реформи во правосудството повикува на внимателно постапување од страна на Судскиот совет и доследно почитување на Уставот, конвенциите, законите и востановените добри практики при водење на оваа постапка.
Според групата, која ја сочинуваат шест организации, загрижува постапувањето на Советот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд каде како основ за утврдување на одговорност во оваа постапка е наведено неприсуството на претседателот на Врховниот суд на седниците на Судскиот совет, како и недоаѓање на состанок откако од нејзина страна беа изнесени наводи за притисоци врз Врховниот суд. „Нѐ загрижуваат и денешните наоди изнесени на седницата согласно кои претседателката не го почитува Законот за Судски совет, а таа не била повикувана на седниците во законски определениот рок од седум дена токму во временски период за кој се повикува на одговорност за недоаѓање на седниците. Дополнително, беше побарано од неа да приложи дополнителна документација со која ќе го оправда своето отсуство“, се вели во реакцијата.
Блупринт групата укажува дека Судскиот совет треба доследно да ги следит основите наведени во барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд и да се воздржи од вметнување дополнителни наводи кои не се наведени во барањето.
Оттаму потенцираат дека е загрижувачки што расправата на комисијата се одржa на 29 декември, последниот работен ден од годината. Ваквото постапување предизвикува потенцијален ризик од намалено вниманието на домашната јавност и меѓународните претставници за следење на седницата која е од исклучително значење за понатамошните состојби во правосудниот сектор, имајќи предвид дека станува збор за постапка која се води против претседател на највисокиот суд во државата.
Ваквата состојба е уште позагрижувачка доколку се земе предвид целокупниот контекст во кој се случува ваквата постапка. Во извештајот на ЕК за РСМ за 2023 година, во делот за правосудството, се наведува дека „Постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание на работата на Судскиот совет и судството.“ Токму оваа констатација го опфаќа и актуелното постапување на Судскиот совет во конкретниот случај, вели Блупринт групата.