Блумберг отпушти новинар поради предвремено објавување на веста за размена на затвореници меѓу САД и Русија


Американскиот весник Блумберг објави дека ќе има размена на затвореници меѓу САД и Русија пред официјалната потврда, а поради овој пропуст најмалку еден новинар на овој медиум е отпуштен, пишува Гардијан.

Уредничкиот тим на Блумберг се осврна на ситуацијата во е-пошта испратена до сите вработени, каде што беше објаснето дека овој потег ја става во опасност целата размена, а со тоа и животите на американските затвореници.

Беше речено и дека неколку новинари кои учествуваа во објавувањето на оваа вест се дисциплински казнети. Не беше наведено со какви санкции се соочуваат, но Гардијан пишува дека барем еден од нив бил отпуштен.

Блумберг прв ја објави оваа вест, која наиде на критики од други медиуми. Водечки меѓу нив беше Wall Street Journal, чиј известувач Еван Гершкович беше во фокусот на оваа размена во САД. Од WSJ наведуваат дека веста ја имале и претходно, но со објавата чекале додека не се финализира размената.

Според „Вашингтон пост“, репортерката која добила отказ е Џенифер Џејкобс. Таа на X објави дека повеќе не е дел од Блумберг, но исто така рече дека „никогаш свесно не би го ставила во опасност животот на колега“, мислејќи на Гершкович.

Да потсетиме, САД и Русија ја извршија најголемата размена на затвореници од крајот на Студената војна. Ослободени се вкупно 24 лица, а во центарот на вниманието беа Гершкович од американска страна и Вадим Красиков од руска страна.