Блумберг: На Германија ѝ се заканува егзодус на фабрики поради енергетската криза


 

Германија, индустрискиот центар на Европа, се соочува со потенцијален фабрички егзодус додека производителите на автоделови, хемикалии и челик се борат да ги апсорбираат високите цени на електричната енергија кои речиси секој ден достигнуваат нови рекорди, пишува Блумберг.

Цените на струјата и гасот во Германија се зголемени повеќе од двојно за само два месеци, при што референтната цена на европската струја на едногодишниот фјучерс пазар се зголеми на 570 евра (573 долари) за мегават-час. Пред две години беше 40 евра, наведува њујоршката агенција.

„Енергетската инфлација овде е многу подраматична отколку на друго место. Се плашам од постепена деиндустријализација на германската економија“, рече Ралф Стофелс, главен извршен директор на BIW Izolierstoffe, која произведува силиконски делови за автомобилската, воздушната и индустријата за апарати.

Земјата се потпира на гасот од Русија за напојување на своите електрани и фабрики и сега се подготвува за невиден предизвик да ги задржи светлата вклучени и бизнисите да работат откако Русија ги прекина тие испораки, се вели во текстот.

Претходно беа забележани привремени прекини на производството поради високите цени на енергенсите, а во декември и март беше намалено производството на ѓубрива и челик.

Цената на европскиот гас за испорака следниот месец достигна рекордно високо ниво од 241 евро за мегават-час во четвртокот, околу 11 пати повисока од вообичаеното за овој период од годината, се додава.

Иако владата до одреден степен ги ограничува поскапувањата со кои се соочуваат домаќинствата, бизнисите не се имуни на зголемените трошоци и многумина се подготвуваат да ги пренесат трошоците на клиентите или дури и целосно да ги затворат објектите.

„Цените се голем товар за многу енергетски интензивни компании кои се натпреваруваат на меѓународно ниво“, изјави за Блумберг Матијас Рух, портпарол на Evonik Industris, вториот по големина светски производител на хемикалии со погони во 27 земји.