Блокадите од Радев се навреда за македонските граѓани, реагира остро Заев


Можеби Западен Балкан има перспетива за ЕУ, но перспективата на бугарско-македонските односи е целосно замрачена по неочекуваните нови барања на Румен Радев

 

Наместо да се олабават односите меѓу Македонија и Бугарија на самитот на ЕУ и Западен Балкан, тие изгледа доживеаја ново влошување. Откако бугарскиот претседател Румен Радев во една долга изјава дополнително го заостри тонот и побара Скопје да раскине „македонизмот“ и да ја признае историската вистина онака како што тоа го направило со Грција, македонскиот премиер одговори можеби на уште поостар начин:

„Чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани“, изјави Зоран Заев во Брдо кај Крањ.

„Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. Досега не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи“, рече забележливо констернираниот Заев.

„Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори“, истакна Заев.

„За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, посочи Заев.

То, на новинарско прашање билатералниот договор со Бугарија, рече дека „петте точки се дел од нашиот патоказ“, што го доставиле на разгледување во Бугарија при посетата на земјата на 17 јуни оваа година.

„Се работи за точки коишто се решливи. Од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето. Прво, многу е важно што македонскиот јазик, македонскиот народ не се допираат со овие пет точки, туку се работи за дипломатска нота – кратко/долго име, за немешање во внатрешни работи, за говор за омраза и организирање од двете страни како тоа да го намалиме, за интензивирање на работата на експертските комисии коишто треба да имаат барем определено колку пати годишно ќе се среќаваат, одредени резултати сигурно, тие се експертски комисии до тука може нормално политиката, како и тоа што го спомнавте за делот на бугарската етничка група во Македонија. Ние немаме проблем со тоа прашање“, наведе Заев.

Премиерот истакна дека следното „отворање на Уставот“ го очекува пред полноправното членство во ЕУ.

Премиерот, на новинарско прашање околу тоа дали е можен нов договор Бугарија, истакна дека такво прашање не било отоворено никаде досега.

„Треба да ја одржиме првата меѓувладина конференција што е можно поскоро. Северна Македонија и нејзините граѓани заслужуваат да напредуваат на патот кон ЕУ“, напиша на Твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, по средбата со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров во Брдо.

„Со Зоран Заев разговаравме за одлична соработка ЕУ – Северна Македонија, вклучително и безбедноста, глобалните прашања, регионалната интеграција, проширувањето“, наведува Борел.