Блокада: Германија и САД стопираа сè


На крајот, сè заврши со омекната и необврзувачка изјава: „Со целосно почитување на даночната независност на секоја земја, ќе се потрудиме ефективно да ги оданочиме многу богатите“.

И покрај тоа, иницијаторот и домаќин на состанокот на министрите за финансии на земјите од Г20, Бразилецот Фернандо Хадад, го изрази своето задоволство од оваа необврзувачка заедничка изјава.

„Борбата против гладот, сиромаштијата, нееднаквоста, како и оданочувањето на супербогатите сега се на меѓународната економска агенда, што укажува на социјално поправедна и еколошки одржлива иднина“, рече Хадад во петокот вечерта во Рио де Жанеиро, по завршувањето на состанокот.

Неговиот оптимизам се темели на тоа што оваа реченица воопшто била ставена во завршната декларација.

Данок од 2 проценти – до 250 милијарди даночни приходи
Концептот предложен од Бразил, кој моментално претседавач со Г20, предвидува годишно оданочување од два отсто на богатството на најбогатите. Тоа, според пресметките на Бразил, би донело 250 милијарди долари кои би можеле да се потрошат за глобалната борба против гладот, конфликтите и пандемијата.

Данокот би „погодил“ само група од околу, како што пишува Ројтерс, 3.000 екстремно богати во светот. Меѓу нив има луѓе како Американецот Илон Маск, и Џеф Безос или Французинот Бернард Арно. Сите тие се движат околу марката од 200 милијарди долари во богатство.

Шпанија и Франција за, САД и Германија против
Предлогот брзо ги подели земјите од Г20: додека членките како Франција, Шпанија и Јужна Африка го поддржаа предлогот на Бразил, САД и Германија ставија вето.

Во Германија, најмногу против оваа идеја е Кристијан Линднер (на сликата погоре), министер за финансии и шеф на Либерално-демократската партија (ФДП), која важи за партија на заштитниците на богатите.

Министерката за развојна помош Свења Шулце (СПД) покажа подготвеност за дискусии за овој вид данок. Таа рече дека „светот стана понеправедно место“ кога станува збор за распределбата на богатството и затоа предлогот на Бразил е „важен и правилен“.

Подемот на супербогатите во Германија
Во исто време, токму во Германија има нагло зголемување на т.н супербогати, значи луѓе со имот од над 100 милиони долари. Во Германија минатата година бројот на супербогати се искачи на 3.300, што е за 300 повеќе од пред една година. Така, Германија е на трето место зад САД со 26.000 супербогати и Кина со 8.300 луѓе кои поседуваат повеќе од 100 милиони долари.