Бизнисот уште ги чека условите за унгарскиот кредит
Стопанствениците не знаат дали со парите од унгарскиот заем ќе се финансираат и трговски цетри. Тие сакаат средствата да ги добијат што поскоро
Бизнисот сѐ уште не ги знае деталните услови под кои ќе може да добиваат пари од унгарскиот кредит, ниту пак има информации за кои се дејности ќе се одбруваат средствата преку комерцијалните банки.
Бизнисмените се воздржуваат од коментар на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека не гледа пречка средствата од унгарскиот заем да се користат и за изградба на трговски центри, иако претходно беше најавувано дека кредитот ќе биде наменет за зголемување на производството. Сѐ уште не се знае ниту кои банки ќе учествуваат во проектот.
„Тоа е одлука на Владата, јас не би имал што да кажам на тоа“, изјави денеска Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори, кој посочи дека како бизнис заедница бараат тие средства да се искористат за добри проекти без разлика од која дејност доаѓаат.
Претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура додаде дека повеќе бараат парите да се насочат кон производството, меѓутоа и другите дејности кои имаат добри проекти посочувајќи дека само најавата за кредити во износ 250 милиони за бизнис заедницата било сигнал за банките да се намалат каматните стапки, кои биле многу високи.
„Само најавата дава позитивна насока кредите за компаниите да се намалат затоа што каматните стапки беа 5 -6-7 отсто, највисока стапка овие години“, вели Ќура.
Ѓорѓиевски реагираше на прашањето дали тоа беше основната идеја што ја барал бизнисот, унгарските пари да се искористат и за изградба на молови, а не само за производствени капацитети.
„Не ви е соодветно прашањето, не би навлегувал дали е тоа за молови. Нам како бизнис ни требаат тие финансии. Производните компании се есенција во нашето општество, носат додадена вредност и таму треба да се потенцира тие кредити да дојдат. Ние очекуваме дека во таа област ќе биде одлично тоа да се случи“, рече Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека бил пробиен мразот мислејќи притоа дека конечно има можност за рок на отплата од 15 години.
Тој смета дека рокот е од есенцијално значење.
„Има три години грејс период, потенцијално уште 12 години рок на отплата. Тоа значи, тие помали рати кои што условно ќе се добијат, компаниите остатокот од средства ќе може да го искористат за своја ликвидност, или пак дополнително да инвестираат во самите компании, и ќе добиеме ситуација во која што постојната база за финансии ќе се прошири. Парите пак ќе дојдат кај банките, меѓутоа ќе се овозможи поширок развој на самите компании“, смета Ѓорѓиевски.
На прашањето како ги коментираат најавите дека парите ќе дојдат околу февруари, тој рече дека колку побрзо дојдат толку е подобро.
„Ние немаме кристално чисти параметри според кои ќе се одобруваат кредитите. Основните параметри ги знаеме, така што очекуваме да видиме како прецизно тоа би функционирало“, вели Ѓорѓиевски додавајќи дека ова финансирање е добро за бизнисот, по неколкуте тешки години поради пандемијата со ковид, финасиска криза, енергетската криза…
„Компаниите се исцрпени и сега овие средства ќе бидат добредојдени да се добие простор за за економски раст, што е од особено значење за самата држава, бидејќи сметам дека можноста за раст од 3,4 отсто или за 5-6 отсто лежи во микро и малите претпријатија“, вели тој.
Професорот Синиша Наумоски смета дека овој владин проект е вин–вин.
„Јас мислам дека во преговорите меѓу Владата и банките никој не изгуби. И двете страни добиваат, банките добиваат нови апликанти за кредити, од кои гранки, сега шпекулираме немаме информација, од сите оние гранки кои можат да обезбедат раст од 3,7 и на среден рок од 5 отсто“, вели професорот, додавајќи дека и монетарниот регулатор може да биде вклучен во механизмите за олеснување во поглед на банките за да нема перцепција дека тие биле притиснати.
„Не треба да гледаме еднострано, само на бизнисите да им е добро. Треба да гледаме и од страна на банките, тие може да бидат притиснати бидејќи имаат кредитен ризик“, вели Наумоски.
На забелешката дека со овој начин на кредитирање, граѓаните ќе субвенционираат приватни компании, тој рече дека каматите повторно завршуваат во макроекономијата.
„Не може вие да немате позитивен коментар за поголем раст на компаниите. Мора да помогнеме за компаниите сега“, одговори Наумоски, додавајќи дека може да се постави и обратно прашањето, што имаме ние како граѓани ако некоја фирма пропадне.
„Секоја компанија кога оди напред и кога добива продуктивни пари, сите имаме бенефит“, смета Наумоски.
Запрашан дали е логично приватни компании да одат кај државна банка (Развојната банка, заб) за добивање кредити, а истовремено државна компанија (ЕСМ) да оди кај комерцијалните банки, професорот Наумоски одговори дека ова е либерален каптализам и секој може да оди каде што сака.
„Јас како компанија може да изберам било која банка каде да побарам кредит. Банката од друга страна може да биде евалуатор на мојот проект. Во пазарни услови секој може да прави секакви бизнис релации“, вели тој.
Инаку, вчера премиерот Мицкоски рече дека процесот за пласман на унгарските пари кај фирмите е во завршна фаза. Од банкарскиот сектор, пак, велат дека сѐ уште не се потпишани договорите во кои треба да бидат наведени условите за одобрување на кредитите.
Мицкоски вчера изненади со одговорот дека парите од Унгарија ќе можат да се користат за инвестиции и во трговски центри, наспроти досегашните најави дека кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на производството и инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики.
„Очекувам после новогодишните празници, иако дел од банките и сега веќе ги промовираат но веќе да почнат и активно да пренесуваат и дел од средствата до компаниите кои ќе ги користат. За ваков тип на инвестиции можат да се користат тие средства, нормално до границата која што ја споменавме до 10 милиони евра“, одговори Мицкоски.
Според договорот со банките, компаниите ќе плаќаат камата од 1,95 отсто кон банките, додека пак, државата ќе плаќа 3,25 отсто камата кон унгарската Експорт импорт банка.