Бизнисмен со фалсификуван документ сакал да ја продаде италијанската резиденција на Водно
Италијанската амбасада во Скопје до МНР доставила нота дека македонскиот бизнисмен со незаконски документ сакал да ја продаде нивната резиденција на Водно, објави телевизија Tелма. Веста ја потврдиле од МНР.
Скандалот го откри порталот НетПрес, а според документите кои ги поседува, бизнисменот Александар Ивановски кој се бави со градежништво наводно добил овластување да продаде плац и објект во скопската населба Водно, кој всушност е резиденција на италијанскиот амбасадор во Македонија.
„Почитуван господине Ивановски, во врска со вашето барање од 6 август 2024 година, со кое побаравте писмена согласност од оваа амбасада за продажба на имотот што се наоѓа на улица Славејко Арсов број 146, сакаме да ве информираме дека нашата амбасада дава согласност за склучување на преддоговор за продажба на недвижен имот. Остануваме достапни и во иднина. Со почит, амбасадор Андреа Силвестри“, пишува во службениот превод на незаконски изработениот документ.
Италијанската амбасада дошла до фалсификуваниот документ и на петти декември годинава го известила МНР. Документот имал и печат од амбасадата. На шести декември со назнака „Многу итно“, од МНР за случајот испратиле известување до МВР, до Министерството за правда, како и до Нотарската комора.
Единствениот македонски бизнисмен кој се занимава со градежништво и го носи името Александар Ивановски, познат во јавноста и како Алек Теранова е сопственик на фирмата „Дивелоп груп“ заедно со Бест Веј Инвестмент под чија капа е хотелот Мериот во центарот на Скопје. Инаку Бест Веј Инвестмент е во сопственост на Јордан Мијалков, синот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Фирмата на Мијалков се наоѓа на истата улица како и италијанската резиденција, која наводно била на продажба, објави Телма.