Битолските пожарникари како акробати при гаснењето на пожарот во „Жито Битола“

Пожарникарите немаат доволно опрема. Ако имаше скала и од 30 метри пожарот ќе беше побрзо изгаснат, велат стручњаците


Објектот на млинот „Жито Битола“ е стар повеќе од 120 години. Тој е под заштита на државата како и Ислахането кое се наоѓа од спротива на опожарениот објект (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Ако битолската пожарна имаше возило со противпожарна автомеханичка скала до 30 метри синоќешниот пожар во млинот „Жито Битола“ ќе се изгаснеше за многу покусо време, ризикот кај пожарникарите ќе беше сведен на минимум и штетите ќе беа далеку помали со оглед на фактот што пожарот започна во покривот, вели доскорешниот командир на противпожарната единица во Битола, Коста Поповски.

Битолската противпожарна единица синоќа се вклучи во гаснење на пожарот со сите седум противпожарни возила и 29 пожарникари, а на помош дојдоа и две возила од РЕК Битола“ како и цистерна на ЈП „Водовод“ Битола.

Битолските пожарникари и овој пат се соочија со опасен подвиг, па во една тешка ситуација со голема вештина и снаодливост успееја да се спротивстават на пламените јазици кои лесно го голтаа млинот стар над еден век.  

Во четиричасовната битка со огнот синоќа делумно изгореа два објекти од комплексот „Жито Битола“ и за среќа нема жртви ниту повредени. Допрва ќе се утврдува материјалната штета.

„Во моментот ние немаме опрема за справување со пожари на повисоки места како што беше овој во ‘Жито Битола’. Скали немаме. А ако имавме времето на гаснење ќе беше далеку покусо. Државата во последните 30 години вложува минимално во опрема во делот на пожарникарството. Не е суштината во тоа дека пожарот ќе се изгасне, секако дека ќе се изгасне и нема да биде оставен да гори, но прашање е колку време ќе дивее огнот, што сѐ може да се запали и какви ќе бидат последиците. Доколку Битола имаше противпожарна автомеханичка скала макар и до 30 метри, тој пожар ќе се изгасеше многу побрзо. Ниту една власт досега немаше слух за оваа опрема, како ќе биде од сега не знам. Ваква скала би чинела од 350 до 400 илјади евра. Оваа опрема ја имаат во Кавадарци и Кочани“, вели Поповски за „Независен“ кој воедно е и сопственик на Центарот за обука на пожарникари „Пегаз еду“, каде досега се обучени 150 пожарникари.

Денеска уште се крева чад од запалената главна кула на објектот (Фото: А. Блажевска)

Заменик-командирот на Пожарната единица во Битола Горан Димкоски потврдува дека тежината во справувањето со овој пожар беше висината на објектот. Но, смета дека висока скала немаше да биде од помош бидејќи пожарот бил во внатрешноста на објектот, а пожарникарите биле изложени на висок ризик заради тоа што објектот бил со неармирани плочи.

„Висината на објектот и конфигурацијата на внатрешноста на објектот ни причинија голем проблем. Објектот во внатрешноста е цел од штици, нема плоча помеѓу катовите, а штиците се премачкани со масло и боја заради заштита од глувци и молци. Тој материјал гори. Пожарот започна од покривот, во кулата изгоре само чатијата, додека на другиот објект има и други оштетувања. Објектот е висок 18 до 20 метра, но и да имавме скала не велам дека побрзо ќе се изгаснеше, зашто мораше да се влезе внатре. Ризикувавме многу, ова беше опасен пожар кога горат штици од горе на долу, каде што може да дојде до урнување на плочите“, вели Димкоски за „Независен“ и открива дека битолските пожарникари се послужиле со своевиден мост кој бил помеѓу двете згради за полесно да пристапат кон гаснење на огнот.

„Пожарникарите не влегоа во објектот од долу кон горе, туку најдоа друг простор, мост, за да го санираат пожарот, и затоа според висината на објектот, материјалот од кој е изграден ние успеавме од 17,20 часот кога е пријавен пожарот, огнот да го ставиме под контрола до 20 часот. А веќе во 21,15 часот огнот беше загаснат, а ситуацијата беше под контрола од нашите пожарникари“, вели Димкоски. Пожарникарите и денеска со едно возило се на лице место.

Пожарникарите велат дека синоќа не се справуваа само со пожарот во млинот, туку битката била како да за заштитат и другите објекти од комплексот особено силосите со пченица.

„Прашината од житото може да предизвика и своевидна експлозија кога е во голема концентрација, па меѓу приоритетите ни беа и силосите полни со жито, врз кои можеше лесно да се прошири огнот. Заштитивме неколку магацини со готови производи и други објекти“, напоменува Димкоски.

Објектот на млинот „Жито Битола“ е стар повеќе од 120 години. Тој е под заштита на државата како и Ислахането кое се наоѓа од спротива на опожарениот објект.

„Во рамките на заштитно конзерваторските основи изработени од страна на Завод и Музеј Битола кои се однесуваат на ‘Индустриската зона Жито Битола и Транскоп’ објектот бил валоризиран и категоризиран како значајно културно наследство со пропишан режим на заштита од втор степен. Режимот на заштита не препознава приватна или државна сопственост. Пропишаните мерки се согласно закон“, потврдува Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј Битола.