Битолските Бугари веќе не го кријат собиралиштето, се отвора Клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“


Клубот на Бугарите од Битола (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Битолчани кои се чувствуваат Бугари веќе не го кријат седиштето на своето собиралиште, отворат Клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“ и поставија голема и впечатлива табла над вратата. Клубот се наоѓа во простории на поранешната пивница на една од најубавите реконструирани улици во градот „Рузвелтова“ која е најфреквентната уличка со пристап до Широк Сокак.

Според рекламното пано поставено пред објектот Клубот е во сопственост на  Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола.  

„Клубот не е нов, само канцеларијата е нова. Ќе бидете известени за отворањето, сѐ уште сме во подготовка“, велат од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола за „Независен“.

Лани во март кога членовите на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола испратија писма до амбасадите на САД, Германија, претседавачот со ЕУ, Португалија, како и до Делегацијата на Европската унија за да им се пожалат со какви стереотипи се соочувале во јавноста поради тоа што се декларирале како Бугари, никако не сакаат да откријат каде е нивното седиште, каде се собираат, па вешто ги избегнуваа одговорите, наведувајќи дека секој што е заинтересиран за нивниот центар може да се информира од нивната Фејсбук страница. Сега клубот се отвора во центарот на Битола  и нивната работа станува потранспарентна. (А.Б.)