Битолскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Рибарски караници“


Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, вечер под отворено, ѕвездено небо, кај Ротинско Езеро, премиерно ќе ја изведе претставата „Рибарски караници“ од Карло Голдони, во режија на Јован Ристовски.

-Магијата која ја нуди ова езеро, самиот национален парк Пелистер, за нас беше предизвик да направиме претстава која ќе биде малку поразлична од се она што досега сме го правеле. Народен театар-Битола, за прв пат во својата историја покрај Хераклеја, Охридско лето и Стоби, каде сме играле на отворено, поставуваме претстава која е на ваква автентична локација, истакна во пресрет на вечерашната премиера, Васко Мавровски, директор на театарот.

Во претставата ќе настапат актерите и актерките Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костими ги изработи Андреј Ѓоргиевски, композитор на музиката е Александар Димовски, а продуцент во најновиот театарски потфат на битолските актери е Димитар Михајловски.