Битолски „Водовод“ испорачува вода, а не наплатил дури 60 отсто од неа

Државниот ревизор откри неверојатни пропусти. На пример „Водовод“ нема склучено договори со огромни 74 отсто од корисниците


 

БИТОЛА – Во ЈП „Водовод“ Битола водата тече како од кладенец, се произведува, а не се фактурира и тоа високи 59 проценти во изминатите 4 години. Не се пресметувале камати за задоцнето плаќање, а се давале и попусти.  

Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај за битолски „Водовод“ и констатира низа на недоследности. Покрај нефактурираната вода констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки, а воедно и нерационално трошење на јавни средства. Набавиле нов SCADA системот, а распишале тендер за консултантски услуги.

Со „Водовод“ – Битола од декември 2021 раководи Пеце Милевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, негов претходник беше Горан Козаров од СДСМ.

„Количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурирана вода се движи околу 59%, а воедно ЈКП ‘Водовод’ Битола нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 74% од корисниците на услугите, што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги“, утврдиле ревизорите. Притоа со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Така, констатирано е дека од страна на јавното претпријатие не се преземат доволно  мерки за отстранување на причините кои придонесуваат за загуба на водата во водоснабдителниот систем и мерки за активна контрола на загубите на вода.

„Јавното претпријатие освен следењето на загубите на вода, нема усвоено плански документи и јасно утврдени мерки кои ќе придонесат за намалување на загубите на вода, а тоа влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода кои претставуваат приходи на Буџетот на Република Северна Македонија.“, стои во извештајот.

Во битолски „Водовод“ од вкупно 41.812 корисници на вода, дури 30.838 корисници немаат склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски што е високи 74%, па ова според ревизорите „ може да предизвика отежната наплата на извршените услуги“.

Ревизорите укажуваат на нетранспарентно и незаконско финансиско работење на „Водовод“, па велат дека дел од приходите се остваруваат по цени кои не се одобрени од надлежните органи, недостасува соодветна документација, не се пресметуваат камати за задоцнето плаќање на фактурите, одобрени се попусти без согласност од основачот и УО и отсуствуваат контроли што влијае на точноста и целосноста на остварените приходи.

„Во финансиските извештаи на ЈКП ‘Водовод’ Битола, искажани се приходи од продажба на добра (производи) и услуги во земјата во вкупен износ од 222 милиони денари, од кои ревизијата не била во можност да ја потврди веродостојноста, точноста и целосноста на искажаните приходи, како и побарувања по основ на снабдување со вода за пиење и услуги за сервисирање и приклучување на водоводна мрежа во вкупен износ од околу 221 милиони денари, (приближно 3,6 милиони евра)“, се наведува во извештајот.

Во „Водовод“ се случува и една небулоза. Имено, претпријатието располага со имотен лист за викенд куќичка во Претор која не е евидентирана во материјалната евиденција, а во сметководствената евиденција е евидентирана со вредност од само 65 денари, колку едно чоколадо.

Ревизорите констатирале слабости во примената на Законот за јавни набавки и нерационално трошење на јавни средства.