Битолски театар доби 1,21 милион денари за годишната програма


Во Битолскиот театар се одржа првата прес конференција за 2025, посветена на првата премиера на Битолскиот театар, „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. На почетокот директорот Васко Мавровски ги информираше присутните новинари дека за оваа сезона НТБ ќе има 10 премиери, од кои 3 праизведби, една детска претстава, две претстави кои се дел од програмата во основните и средните училишта. Министерството за култура и туризам финансира 4 проекти.

„  „Црно семе“ – според романот на Ташко Георгиевски (праизведба), режија: Андреј Цветановски,,  „ Кога ние мртвите ќе се разбудиме“ – Хенрик Ибзен, режија: Оливер Мицевски, „Магбет“ – Вилијам Шекспир, режија: Сабо К. Иштван (Унгарија), „Госпоѓа Бовари“ – Густав Флобер, режија: Дејан Пројковски. За 11. издание на „Битола Шекспир Фестивал“, Министерството додели 800.000 денари, а од областа на меѓународна дејност: Гостување со претставата „Галеб“ на фестивал во Ереван, Ерменија, буџет: 410.000 денари“, истакнува Мавровски.

Согласно Одлуката на уметничкиот совет по предлог Годишната програма за работа на НУ Народен театар Битола за 2025 година доставена од страна на директорот и Одлуката на Управниот одбор на НУ Народен театар Битола се прифаќаат, за реализација од сопствени средства, следните проекти: 1. „Којзнае зошто?“ – според расказот „Сонот на смешниот човек“ Ф.А. Достоевски, режија: Дамјан Читкушев, копродукција Здружение Купола Штип – независна сцена 2. „Жиголо“ – Игор Кузмановски (праизведба), режија: Благој Мицевски, 3. „Чорбаџи Теодос“ – Васил Иљоски, режија: Дамјан Димовски 4. „Рибарски караници“ – Карло Голдони, режија: Јован Ристовски 5. „Пламенка“ – според романот на Петре Димовски (праизведба), режија: Софија Ристевска Петрушева, копродукција ЗИУ Интимен театар Битола – независна сцена 6. „Пипи Долгиот Чорап“ – Астрид Линдгрен, авторската екипа ќе биде избрана преку интерен оглас на НУ Народен театар Битола.

Во периодот јануари, фебруари 2024, НТБ имал 14 изведби и 3088 посетители, а во истиот период оваа година НТБ имал 20 изведби и 4880 посетители.

„Тоа зборува дека кампањата „Дојдете во театар“ и посветеноста на сите вработени кои деноноќно се во театарот, ги даде своите резултати. Горди сме на тоа што го правиме и јавно изразувам благодарност до секој еден посетител кој одделил дел од своето време и го посетил Битолски театар. Во месец фебруари морам да кажам дека немавме претстава во која имавме празно седиште“.

Најавена беше и Монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола.

„Сметам дека сме гигант помеѓу театрите и први сме во државата кои успеавме да изработиме монографија која е црно бела“, истакна директорот за Монографијата за која ќе има посебна промоција.

„Жиголо“ е премиера што ги брише границите меѓу маската и вистината Некои приказни се кажуваат. Некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не можете да ја избегнете – ќе ве најде во очите на ликовите, во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога светлата ќе згаснат.

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостасува и сите го посакуваме. Всушност како неискреноста не води на еден пат, не става во еден вртлог во животот кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видео игрите, вештачката интелегенција, виртуелниот свет, кои не ставаат во машина која не носи во вртлогот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Aвторот Игор Кузмановски истакна дека му е чест што е во најстариот театар во Македонија.

„Јас имам напишано повеќе дела, ова е моја прва праизведба. Среќен сум што работев со оваа прекрасна екипа и се надевам дека текстот ќе и се допадне на публиката. Се работи за драма комедија која ги поставува прашањата: Што се сме спремни да направиме за љубовта? Дали постојат граници? Дали сме спремни да преминеме преку истите?“.

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски.

„Ова ми е прва официјална претстава после враќањето од функцијата директор на Центарот за култура, и се радувам што сум дел од еден интересен процес, во кој истражував во себе некои актерски нови патишта. Истражував кој е начинот мојот темперамент да се смири и без навидум никаков напор да се раскаже една комплексна приказна, за луѓе кои секодјневно се дружат, работат, сакаат. Јас го играм ликот на психијатарот Карине, кај кого доаѓаат сите ликови од претствата, и на кој начин луѓето гледаат на менталното здравје денес“, изјави Андоновска Илиевски.

„Ние соработуваме 10 години со Благој, од првата премиера „Без паника“. Отвораме со театарот некои прашања кои се тригер во општеството, посебно кај луѓето кои ќе ја погледнат претставата. Како тие делуваат во односот на нивниот најблизок семеен систем и како истиот тој систем делува во општеството. Колку користиме социјални маски за да можеме да функционираме во општеството“, истакна Марјан Георгиевски.

На тоа актерот Никола Пројчевски додава:

„Раскажуваме и за професија која можеби не е прифатлива во тие општествени рамки. Се отвора прашањето дали треба да сме искрени, во што јас не верувам дека секогаш се треба да кажеме. Верувам дека е важна намерата со која жиголото во претставата одлучува да помогне на својата жена на која и е потребна помош во борбата со нејзината болест“.

„ Јас и ликот кој го толкувам имаме нешто заедничко, а тоа е возраста. Во различни фази од животот сите ние поминуваме различни избори, различни провокации од различни страсти, цели, но во третото доба паѓаат маските, изборите и човек се соочува многу повеќе со себеси. После сите премрежја, доживувања  и лична драма на губење на партнер, сопруг, фокусот паѓа на други нешта. Во случајот, на ќерката на Елиса. Огледалото во кое се гледа себеси, трагајќи по некоја лична возбуда што животот ќе го направи побогат“, изјавува Соња Михајлова.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак, драматург е Оливера Павловиќ. Претставата ќе биде реализирана од сопствени средства, а премиерата е закажана за 01 март 2025.