Битолчани со „Куќа имам на Пелистер“ ќе воведуваат новини во работата на Националниот парк


Јавната установа Национален парк „Пелистер“ внесува новини во работењето со јасен план за развој на инкаминг туризам (in coming tourism), најави новиот директор на установата, Иванчо Тошевски.

На прес конференција во Битола, Тошевски потврди дека Инфо центарот на Пелистер ќе биде отворено катче за сите планинари, гости и посетители со што повторно по една година затвореност повторно ќе ја врати својата функција.

-Како Национален парк „Пелистер“ сметаме дека претстојниот настан „Куќа имам на Пелистер“ што ќе се одржи в недела, ќе биде стартна точка за првично поврзување на се што е, и може да биде туристичка понуда на Пелистер, и тоа е идна основа за развој на инкаминг/in coming туризам. Настанот ќе го организираме на локацијата Инфо центар затоа што и Инфо центар ќе биде стартна точка за сите активности на Пелистер и многу набрзо истиот ќе биде достапен за сите планинари, љубители на природата и други посетители, истакна Тошевски.

Во изјава за медиумите, директорот на ЈУ Национален парк „Пелистер“, потврди дека по една година затвореност, Инфо центарот повторно ќе биде достапен за планинари и други посетители.

-Љубителите на природата и планирањето треба да знаат дека во изминатава една година Инфо центар на Пелистер и покрај тоа што се наоѓа на местото викано „Седум кладенци“ сепак долго време беше без вода и небеше достапен за посетителите. Благодарение на нашите стручни лица веднаш презедовме активности, дефектот на водоводната мрежа е отстранет, обезбедивме вода и има вода за пиење. Сега Инфо центарот може непречено да се користи, посетува и да биде дом на планинарите. Во соработка со планинарската федерација ќе договориме дополнителни активности на планината, уредување на патеките и други зафати, потврди Тошевски.

Манифестацијата „Куќа имам на Пелистер“ се организира со поддршка на Општина Битола и е во рамки на локалната „Зимска приказна“.