Битолчани пред сериозен проблем – заразените ги кријат контактите


Битола чека неискористената топлина од РЕК „Битола“ конечно да се користи за загревање на домовите

Група млади битолчани упати апел до градските власти да помогнат да се отпочне со кампања да не бидат исмевани од своите врсници оние тинејџери кои носат маски

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Криењето на контактите на заразените лица е голема мака со која Битола се соочува во справувањето со корона вирусот во последниот период. Ова како сериозен проблем за ширењето на корона вирусот во Битола го предочува и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, која е и координатор на Кризниот штаб.

Во градот од почетокот на корона кризата потврдени се 178 позитивни случаи, од кои активни се дури 77 случаи или 43 отсто од вкупниот број на заразени. Досега оздравеле 95 битолчани, а починале шестмина, од кои најмладиот 27-годишно момче. Вирусот во Битола најмногу се шири во семејни кластери, во работни организации, спортски тимови, а добар дел од позитивните се асимптоматски млади лица.

Она со што во последниот период се соочуваат битолските епидемиолози е криење на контактите. Во последниот извештај од Центарот за јавно здравје во Битола стои дека од седум позитивни случаи во Битола на возраст од 28 до 73 години, две лица даваат податок дека биле во контакт со веќе регистриран позитивен случај од најблиското семејство, три не даваат податок за контакт со потврден случај, а две лица се тестирани приватно за патување во странство и тие се асимптоматски.

Анализирајќи ги податоците од 1 до 13 август, над десет ковид позитивни лица не даваат податок за контактите.

„Според констатациите од здравствените работници криењето на контактите на заразените лица е навистина сериозен проблем. Лицата кои веќе се заразиле со Ковид-19 мора да мислат на здравјето на другите, при што нема да ги кријат контактите кои ги оствариле во изминатиот период, а со тоа ќе придонесат за спречување на ширење на вирусот. Во случаите во кои се доставуваат доволно податоци за контактите, се создава можност за заштита на сите потенцијално ризични групи, но онаму каде што податоците се скриени, се создаваат можности за појава на нови кластери“, вели градоначалничката Петровска за „Независен“.

Бројот на заболени во Битола постојано расте. Според анализите направени од почетокот на август до денес потврдени се 41 позитивен случај во градот и еден починат, а во исто време оздравеле 34 битолчани. Меѓу сега активно заболените има лица од 18 до 82 години.

И покрај тоа што добар дел од позитивните на вирусот во Битола ги кријат контактите, сепак висок е бројот на лица кои се со решение за изолација и изнесува 138. Според официјалната бројка на СВР-Битола само во текот на вчерашниот ден од страна на Центарот за јавно здравје издадени се 17 нови решенија на лица во изолација.

Расте бројот на непослушни битолчани кои наместо во изолација шетаат низ градот. Така полицијата поднесе кривични пријави за лица кои наместо да седат дома, шетале по села, а во еден случај соседи пријавиле кога забележале дека наместо дома комшивката отишла во град.

„На подрачјето на СВР Битола евидентирани се четири непочитувања на решението за изолација од страна на четири лица и против нив се поднесени кривични пријави“, ни потврди Ана Крстиќ, аналитичар во СВР Битола. Битолчани на социјалните мрежи бараат јавно да се обелоденат имињата на оние кои не ја почитувале изолација и го зголемиле ризикот од ширење на вирусот.

При прошетка на Широк Сокак и Старата чаршија воочливо е дека сѐ помалку граѓани носат заштитни маски, а младите навечер се собираат и не почитуваат физичка дистанца. Млади кои носат маски се жалат дека се дури исмејувани од нивни врсници.

„Од дома излегуваме со маски за да ги имаме како доказ доколку не запре полиција и за да ги исполниме барањата на родителите за заштита. Потоа, кога ќе се сретнеме со пријателите ги повлекуваме зашто сме исмевани доколку ги носиме. Нашите врсници велат дека корона не постои и дека маските нема да нѐ заштитат“, пишува група млади битолчани во реакција до локалните медиуми.

Тие велат дека се изморени да се објаснуваат со врсниците околу постоењето на вирусот.

„Се работи за домашно воспитување и убедување. Има родители кои веруваат во заговори и дека цела оваа реалност е вештачки наметната. Не е проблем во што човек верува, туку треба да престанат убедувањата на оние кои веруваат во вирусот и во мерките дека треба да се заштитат. Веруваме дека со нашиот пример, носејќи маски, треба да придонесеме во заштитата, но тоа во вакви услови не е можно и потребна е помош и акција“, велат младите и повикуваат да се отпочне со кампања меѓу тинејџерите да не се исмеваат на оние кои одлучиле себе да се заштитат.