Битолчани ги покриваат фактите за бугарските донации со самолепливи ленти
Пред една недела во паркот беше отворен првиот болдер – ѕид за качување со трибина, направен со финансиска помош на Бугарија
БИТОЛА – „Културен“ вандализам направиле непознати сторители во Градскиот парк во Битола кога со самолеплива лента го покриле бугарското знаме на информативната табла поставена до новиот болдер – ѕид за качување со трибина. Оставено е да се гледаат само македонското и знамето на Европската унија.
Голем ќеф направија битолчани, од млад до старо, на отворањето на првиот болдер – ѕид за качување со трибина поставен во Градскиот парк направен со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Бугарија и Генералниот конзулат во Битола. Свеченото отворање беше на 3 јуни, но ова утро, на информативната табла поставена неколку метри до ѕидот со самолеплива лента е покриен текстот за бугарскиот донатор, нивното лого, како и бугарското знаме.
Покриен е текстот на кој пишува дека е „Бугарска помош за развој на министерството за надворешни работи преку Генералното конзулство на Република Бугарија во Република Северна Македонија Битола- 2022-2023 година“. Покриено е логото на Бугарска помош за развој и знамето на Република Бугарија. Оставено е да се чита само текстот кој информира за проектот изведувачот како и знамињата на Македонија и на ЕУ.
Повозрасни битолчани кои секое утро пешачат низ паркот се изненадени од како што велат „културниот вандализам“, бидејќи многу често тој е мета на вандали кои кршат и уништуваат сѐ пред себе. Неколку пати беше искршена и исчкртана спомен плочата посветена на италијанските војници учесници на Македонскиот фронт, искршени беа бистите на македонските народни херои, па и уништени канделабри и клупи.
Голем број битолчани минатиот викенд присуствуваа на отворањето на првиот болдер – ѕид за качување со трибина во Градскиот парк, а настанот помина без позначајна реакција од посетители за донаторот на овој проект.
Ѕидот како целина е многу атрактивен, за цело ова време е посетен и се чекаат дури и редици од најмладите за искачување по него. Впечатокот од самиот почеток е позитивен, сѐ до денеска кога таблата е унаказена.