Битолчани бараат енергетска правда од трансформацијата на термоцентралата РЕК „Битола“

Жителите на општините кои се во таканаречениот „coal region“ не сакаат да бидат само набљудувачи и да чекаат некој друг да им донесе некој проект, туку сакаат да бидат активни чинители во креирање на решенија


БИТОЛА – Процесот на енергетска транзиција е неминовен и значаен за жителите на целиот Пелагониски регион. Токму затоа битолчани и жителите на поширокиот регион бараат енергетска правда во процесите на енергетска транзиција заради тоа што добро знаат колку допринеле за државата преку термоцентралата РЕК „Битола“ која произведува струја од јаглен, и со какви последици по здравјето се соочуваат заради тоа. Овие заклучоци беа истакнати во Битола на јавната расправа и презентацијата на активностите во рамките на проектот „Just transition diagnostic“ кој е финансиран од ЕУ.

Проектот, според кажаното, се однесува на регионите каде се користи јаглен и каде постојат термоцентрали за производство на електрична енергија кои треба да се транзитираат во наредните години кон производство на чиста енергија која нема да го загадува воздухот, водата, животната средина и нема да го  загрозува човековото здравје.

„Ние како жители на овие општини сме осетливи на оваа тема и во оваа прилика ќе си дозволам да го искажам моето лично мислење дека нам ни е потребна енергетска правда и во процесот на транзиција, бидејќи ние сме свесни и знаеме како и колку директно и индиректно придонесуваме за државата преку термоцентралите на јаглен, но и многу добро знаеме за последиците кои ги чувствуваме и се соочуваме. Заради тоа ние не сакаме да молиме било кој во државата, туку го бараме она што нам ни следи заради нашиот долгогодишен придонес за државата и тоа не само во енергетскиот сектор, туку преку енергетскиот сектор и на целокупниот економски развој во изминатите четириесетина години“, вели Горан Неделков, дипломиран машински инженер, вработен како советник за енергетска ефикасност во Општина Битола.

Според Неделков, без оглед на тоа кое сценарио би се одбрало при енергетската транзиција, потребно е државата да преземи мерки за енергетска правда, за заштита на животната средина посебно во делот на производство на електрична енергија и при тоа значително да инвестира во овдешните општини и тоа не само во енергетиката, не само во еко проекти туку и во проекти за развој на овие општини. Добри и надежни се најавите за големите и стратешки проекти како што е изградба на автопатот, изградба на фотоволтаични централи, но треба да се продолжи и прошири опфатот на стратешки проекти во сите области за овдешните општини.

„Ние како жители на општините кои сме во таканаречениот ‘coal region’ не сакаме да бидеме само набљудувачи и да чекаме некој друг да ни донесе некој проект, туку сакаме да бидеме активни чинители во креирање на решенија. Сметаме дека телото кое би требало да се формира во форма на “Just Transition Fund” кое би требало да го управува процесот треба да биде лоцирано во Битола и да вклучува претставници од општините Битола, Новаци, Могила и Кичево, претставници од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, претставници од енергетскиот сектор во државата (ЕСМ, МЕПСО), локални експерти и претставници на невладин сектор од општините кои се најзасегнати. Додека проектите кои би требало да се планираат и реализираат преку фондовите за транзиција воглавно да бидат проекти произлезени и менаџирани од општините кои се најзасегнати со поддршка со Универзитетот од Битола, локални експерти и невладиниот сектор“, рече Неделков.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, смета дека процесот на енергетска транзиција е неминовен и е многу значаен за жителите на целиот Пелагониски регион.

„Се дискутираше за начините кои ќе бидат дел од акциониот план, преку кој треба да се изведе преодот на енергетска транзиција со декарбонизација во наредните години, земајќи ги во предвид социо-економските аспекти на жителите од регионот. Паралелно, ваквата транзиција треба да има бенефит и во однос на заштита на животната средина, рече Коњановски.

Според градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски, во чии атар е рударско енергетскиот комбинат „РЕК-Битола“ – „со воведувањето на енергетска правда за нашите подрачја, беа идентификувани клучните работи кон кои ние како локални самоуправи треба да се насочиме во следниот период за полесно преминување и исфрлување од употреба на јагленот и користење на обновливи извори на енергија“, рече тој.

Согласно Парискиот договор, Европската Унија, земјите од Западен Балкан и многу повеќе земји ширум светот ја прифатија целта за декарбонизација до 2050 година. Во Европската Унија предвидено е дека околу 100 милијарди евра ќе бидат вклучени во процесите на транзиција. Дел од овој механизам е Фондот за праведна транзиција со буџет од 17,5 милијарди евра за граѓаните и работниците во регионите кои се најмногу погодени од оваа економска трансформација.

Западен Балкан исто така ќе биде погоден од оваа транзиција, сепак, во моментов не постои основан фонд, па затоа од најголема важност е да се дизајнира, што е можно порано Фонд за праведна транзиција за Западен Балкан, рекоа присутните на презентацијата на проектот.