Битола: Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за градоначалникот за „Битфест 2024“
Градоначалникот Тони Коњановски не направил ништо незаконски за отворањето на манифестацијата
БИТОЛА – Основното јавно обвинителство од Битола ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот Тони Коњановски за отворањето на годинешното издание на битолското културно лето „Битфест“.
Кривичната пријава беше поднесена анонимно од граѓанин со цел да се испитаат наводите дали имало незаконитости во организацијата околу отворањето на битолското културно лето со музичкиот спектакл „Ѕвездена симфонија“.
Од ОЈО Битола за „Независен“ потврдуваат дека во случајот нема „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
„По целосно спроведување на предистражната постапка, донесено е решение за отфрлање на кривичната пријава бидејќи во дејствијата на осомничениот како службено лице – градоначалник на Општина Битола не се содржани ниту обележјата на кривичното дело ‘Злоупотреба на службената положба и овластување’ од чл.353 ст.1 од КЗ, нити обележјата на некое друго кривично дело за кое се гони по службена должност“, одговорија од прес-службата на ОЈО на Битола за „Независен“.
„Битфест“ беше отворен на 3 јули годинава на Градскиот стадион во Битола со голем спектакуларен настан на кој настапија познати музички ѕвезди Каролина, српската победничка на „Евровизија“ – Констракта, „Паркети“, „Супехикс“ и Камерниот оркестар од Битола. Кусо потоа се обзнани во медиумите дека поднесена е кривична пријава до градоначалникот Коњановски затоа што Општина Битола без јавен повик, туку со одлука на интерната комисија за евалуација организацијата за отворањето на битолското културно лето му ја доделила на Здружението „Мјузик арт“.
Два месеци подоцна Обвинителството потврди дека постапува по пријавата, оформен е предмет, обвинителот презема дејствија на проверки и ги испитува наводите. По испитувањето на наводите ОЈО Битола ја отфрли пријавата.
Токму поради ова, вчера на седница на Советот на Општина Битола, кога се носеше буџетот за 2025 година, градоначалникот на говорница побара извинување од оние кои сакале да му нанесат штета. Па направи паралела дека и сега од новогодишната манифестација „Зимска приказна“ се прави фама од опозицијата со прашања – каде се парите од спонзорите? Коњановски им порача на советниците –„Нема да дозволам од ‘Зимската приказна’ да правите скеч.“
Од Општината летово информираа дека е постапено согласно позитивните законски прописи, дека здружение „Мјузик арт“ го застапува Камерниот оркестар, дека го ставила на располагање користењето на стадионот, како и финансиска поддршка за „Мјузик арт“ во износ од 1,5 милиони денари. Настанот чинел 4,3 милиони денари, а разликата од 2,8 милиони денари, здружението ја обезбедила од продажба на влезници и спонзорства. (А.Б.)