Битола не е само Широк Сокак, Старата чаршија е посебен бисер
Повеќе години наназад чаршијата полека пропаѓа, дуќаните се затвораат, иако целиот кварт има специфична атмосфера. Дуќанџиите, сепак, се оптимисти дека има шанси таа да заживее
БИТОЛА – Има многу архитектонски бисери и цели чудесни мали квартови во Битола. Не е само Широк Сокак, Старата чаршија е убавина сама за себе. Дуќанџиите од чаршијата велат дека не треба најголемиот дел од вниманието да му се посветува на Широк Сокак, туку и дека чаршијата со тесните поплочени улички, многуте дуќани и специфичната атмосфера ѝ дава посебен белег на Битола. Тие прават напори со базари, организирани попусти и културни манифестации да го зголемат бројот на посетителите. Годинава и Општина Битола дел од новогодишните настани лоцира во Старата чаршија, а се најавува дека во декември и новогодишно ќе се украси.
Веќе години наназад чаршијата во Битола пропаѓа, одвреме-навреме ќе се отвори по некој дуќан, или кафеана, пицерија или клуб, но затоа пак двојно повеќе се затвораат дуќани и изумираат занаети.
„Еснафи го затвораат дуќанот во чаршијата и го селат на Широк Сокак. Во чаршијата дуќаните се издаваат за 70-80 до 200 евра кирија за поголеми простори, а на Широк Сокак плаќаат од 1.000 евра нагоре за мал дуќан. Значи дека во чаршијата и за беспари да ти го дадат дуќанот не вади пари, за разлика на Широк Сокак“, споредуваат дуќанџии, добри познавачи на состојбите.
Павлина Василевска – Босо, сопственичка на дуќан во чаршијата вели дека економската криза направи Старата чаршијата да живее само по неколку часа на ден. Дуќаните се отворени како да работат само прва смена, а пред стемнување веќе сите се затворени, па купувачите пазарат навечер по Широк Сокак, каде дуќаните се отворени и до 21 часот.
„Цело време економската слика на чаршија е како во кризна состојба. Можеби новиот начин на е-трговија ја изумира класичната продажба, па преминува на онлајн продажба и навиките на пазарење на младите генерации се менуваат. Присуството на големите трговски синџири на облека ги ‘јадат’ малите трговци, па сега во еден маркет ќе најдете од храна до облека, домашна галантерија по дампинг цени. Во чаршијата имаме бизниси на работ на егзистенција и работат самите газдите колку да се опстане“, вели Василевска.

Според Ѓорги Кочовски, занаетчија во пензија кој 30 години ја водеше Занаетчиската комора во Битола вели дека чаршијата била системски уништувана и секој обид сега е минорен за штетата што се направи.
„Со конзервацијата и затворањето на пристапите кон чаршијата ги одврати дуќанџиите да вложуваат во бизниси во неа. Има еден пристап за со возило и тоа не е во ред, не е практичен, нема паркинзи за муштериите. Една канта боја за варосување да купат треба на раце да ја носат до излезот. Второ, нема стручно образование, нема практична работа во средните училишта, а од таму нема занаетчии. Сега занаетите се базираат на фризери и бербери. Сѐ друго изумира со новото време. Индустриското производство ги уништи занаетите. Затоа Широк Сокак и натаму останува главна трговска улица, макар што и таму најголем дел од дуќаните се кафетерии, кладилници и казина, наместо да има дејности“, вели Кочовски, напоменувајќи дека движењето на луѓе во чаршијата се смени драстично со годините.
Василевска е оптимист дека со повеќе настани, промоција на Старата битолска чаршија, здружено делување на еснафите, со уредување на просторот, може да се направи повеќе и таа да заживее. Да се отворат кафеани, кафетерии, како што беше случај минатото лето покрај реката Драгор.
Општина Битола оваа зима се реши „Зимската приказна“ манифестација која ќе трае неколку денови околу новогодишните празници да ја започне токму од Старата чаршија.
Ако лани во чаршијата покрај реката Драгор беше украсена само една улица, годинава ќе биде новогодишно украсена целата чаршија, велат локалните власти.

„На состанокот одржан со претставници од чаршијата и невладиниот сектор кој се залага за нова гастрономска култура инспирирана од традицијата, беше договорено општината преку своите соработници да ја креира главната слика на украсувањето на чаршијата, збогатена со новогодишни елки, светлечки и други елементи, а новогодишниот базар презентиран низ штандови и куќарки, да биде збогатен со културно-забавни содржини, кои ќе придонесат чаршијата да живее во текот на целиот ден“, велат од Општина Битола.
Неодамна во чаршијата се поставија информативни табли за посетителите и странските туристи со цел да укаже на културното наследство на чаршијата и да ги вреднува интересните места за посета. Ова се реализира во рамките на еден поголем проект во кој учествуваше и Битола – Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и Албанија.
„За Општина Битола беше дефиниран урбаниот комплекс – Стара Чаршија и рута на движење за туристи/жители со 10 точки на интерес. Трасата на движење, на која се поставуваат информативните табли ги опфаќа следните локации: Безистен, река Драгор, Стара чаршија, Ликовна колонија ‘Монмартр’, занаети, чешми, гостилници, џамија Хаџи Махмуд Беј, Зелен пазар и Амамот Дебој“, информираше општината.
Покрај овие информативни табли, деновиве се поставија и 10 алатки за лица со попреченост со Брајово писмо.