Битола како поларно езеро од магла
Општината излезе со препораки за граѓаните да се движат на отворено што е можно помалку. Пелистер блеска од сонце и високи температури
БИТОЛА – Битола е заробена во магла веќе неколку дена, а битолчани спасот го наоѓаат на Пелистер каде блеска од сонце. Општина Битола денеска излегува со препораки за граѓаните, а попладнево е закажан и состанок на општинскиот штаб за заштита и спасување.
Со температури под нулата и оваа зима Битола не е поштедена од маглата и климатскиот феномен инверзија на воздухот.
Во исто време воздухот во градот веќе со денови е загаден, повеќе пати над нормалните вредности, па при вдишување пече на грлото и мириса на чад. Според концентрацијата на отровните ПМ честички во воздухот градот де е во црвена, де во жолта зона на предупредување. Маглата и загадениот воздух ги испразнија улиците низ градот.
„Видливоста е намалена на неколку метри, зградата спроти не ја гледаме навечер. Маглата натежнала и не се проветрува воздухот цела загаденост лебди над земјата. Битолчани страдаат од белодробни инфекции и заболувања, амбулантите се полни“, коментираат граѓани.
Студените воздушни маси налегнале во Битолската котлина, а топлиот воздух заминал нагоре кон планината, па така Битола е со сињак, а на излетничките места на Пелистер, битолчани седат по куси ракави и се сончаат.
На Пелистер кај Бегова Чешма и на Копанки, како и на ски-центарот Нижеполе, овие денови има по стотици битолчани дневно кои бараа чист воздух.
Професорот по географија м-р Мите Ристов од регионалното географско друштво „Геосфера“ вели дека моменталната слика во градот се должи и на феноменот инверзија, но и како последица на загревањето на домовите со биомаса.
„Загадувањето е последица на температурната инверзија која се случува веќе неколку денови и засиленото затоплување на домовите со биомаса и најверојатно недозволени супстанции, како иверица, гума и пластика. Тоа многу добро се гледа на мрежата од сензори на платформата ‘Земи здив’, каде воздухот во Пелагонија е почист, од оној во град Битола“, вели професорот Ристов.

Од „Земи здив“ постојано објавуваа податоци од нивните мерни станици поставени на одредени локации во градот и алармираат на загадениот воздух со препорака да се ограничи движењето на отворено.
Од Општина Битола информираат дека во првите два дена од Новата година загадувањето на воздухот е големо по што општината денеска излегува со препораки: да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или кој било друг синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.
Исто така,потребно е да се почитуваат препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје: да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација, но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Како дополнителни мерки, се продолжува со зачестено миење на улиците во утринските и вечерните часови.