Битола добива нова, шеста по ред културна установа
Културно-информативниот центар ќе се грижи за културно-историското наследство на Битола и ќе биде алатка за туристичка промоција на градот
Анета Блажевска
БИТОЛА – Битола доби уште една културна установа именувана како Јавна општинска установа „Културен и информативен центар“ – Битола.
Културната установа стартува со работа, а образложението на локална власт е дека преку неа ќе се овозможи грижа за културно-историското наследство во градот, но и негово ставање во функција на туристичка промоција на градот. Првиот чекор пред формирањето на установата беше обезбедување на доволно финансиски средства за реконструкција на Офицерскиот дом и доизградба и опремување на киното „Манаки“ на Широк Сокак. Опозицијата во Битола критикува дека одлуката на власта е избрзана, зашто градот веќе има културни институции кои можат да менаџираат со Офицерскиот дом и киното „Манаки“. Битола има Театар, Центар за култура, Завод музеј и галерија, Универзитетска библиотека, Музеј на албанската азбука и сега „Културен и информативен центар“.
Минатата година Советот на Општина Битола донесе одлука за основање на оваа јавна општинска установа КИЦ Битола, со која се уредени делокругот, дејноста, органите на управување. Главна дејност на установата е дработа на објекти за културни манифестации, што опфаќа дејности на концертните и театарските сали и останатите објекти на културата.
Локалната власт во Битола успеа да го реконструира Офицерскиот дом во Битола, иако своевремено ВМРО-ДПМНЕ ќе го продаваше и успеа да го изгради и уреди киното „Манаки“ што започна да го гради бившата локална власт. Најважно е што сега со нив ќе управува новата установа.
„За разлика од минатото кога имало неколку краткотрајни обиди на формирање на центри во функција на туризмот (ТИЦ и ЦУТ), кои се сведувале на краткорочни проекти до 5 години, финансирани од странски фондови, како и обиди за продажба на културното наследство, каков што беше случајот со Офицерскиот дом, денес Општина Битола, преку формирањето на оваа установа презема обврска за континуирана грижа на објектите од културата, кои се во нејзина надлежност, создавајќи главен предуслов за културен, туристички и економски развој на градот“, велат од Општина Битола за „Независен“.
Со установата ќе раководи Сандра Котевска, дипломиран магистер по конзервација и реставрација со повеќегодишно работно искуство во областа на културата. Засега нема најави за нови вработувања, но извесно е дека по систематизацијата изготвена од директорот ќе има нововработени.
„За основање на КИЦ, согласно одлука на Советот на Општина Битола, обезбедени се средства од Буџетот на Општина Битола, во износ од 1.400.000 денари. Во тој контекст, установата е отворена за соработка со сите заинтересирани страни за културен напредок на градот, што истовремено овозможува реализација на проекти, финансирани од различни извори“, велат од општината.
Опозицијата смета дека се избрзува со основање и започнување на работа со новата институција од културата во Битола, особено што ова е во судир со најавите на централна власт за „спуштање“ на сите културни институции на локално ниво.
„Најпрво, Битола има институции од културата кои имаат капацитет да менаџираат со овие два објекти, кои се ставаат во функција. Тука пред сѐ мислам на Центарот за култура, кој во своите основни дејности, има кино со редовен репертоар и развиена музичко сценска дејност со квалитетна понуда и проекти во континуитет последните 10-ина години.
Понатаму ова е и во колизија со одлуката на централната власт за носење на нов Закон за култура со кој институциите од културата би се децентрализирале (иако јас лично не се согласувам со тоа), но ако тоа се спроведе тогаш ќе имаме 6 локални институции од културата на товар во голем дел на буџетот на Општина Битола“, смета Борче Димитровски актуелен советник во битолскиот Совет, поранешен директор на Центарот за култура во Битола.
Новиот лик на Офицерскиот дом во Битола плени со својата грандиозност и убавина, како во надворешниот дел така и во внатрешноста.
Во моментот, во завршна фаза е партерното уредување на Офицерскиот дом и отворањето на објектот се очекува веднаш по завршувањето на работите. Многу скоро битолчани ќе можат да се радуваат во просториите на Офицерскиот дом, а туристите за него да раскажуваат. Објектот ќе биде отворен за повеќе различни културни манифестации, состаноци, туристички посети и други активности, произлезени од предлозите, желбата и ентузијазмот на битолчани. А во една најава градоначалничката Петровска рече дека во „новиот“ Офицерски ќе биде и годинешното издание на „Интерфест“ Битола, фестивалот на класична музика со долгогодишна традиција.
Киното „Манаки“ е подготвено да ги отвори вратите за вљубениците на филмот и филмската уметност. Во соработка со други институции кои го негуваат ликот и делото на браќата Манаки, ќе се овозможи доближување на работата на славните сниматели до сите заинтересирани.
Во истовреме започнува со работа и туристичкиот информативен центар, прв од ваков вид во градот, кој ќе претставува главно седиште од каде ќе поаѓа комплетната туристичка промоција на Битола, но и место отворено за сите предлози и иницијативи на битолчани за развој на културата и туризмот.
-Историската приказната која ја поседуваме, конечно можеме да ја раскажуваме и да ја живееме. Влегувајќи во градот од јужната страна, ја имаме Хераклеја, а веднаш по Шеталиштето е сместен и бисерот, гордоста на градот – Офицерскиот дом. Сите главни пунктови на Широк Сокак се покриени со ви-фи мрежа, а на позначајните објекти поставени се QR кодови, преку кои секој посетител ќе добие информација за каков историски значен објект станува збор“, вели градоначалничката на Битола Наташа Петровска.