Битката за директор на училиште во Битола донесе и приказни за тоа дека наставничка тепала ученичка

Настанот, наводно, се случил лани во октомври, а се пријавува сега. Обвинителството истражува што навистина се случило


ОУ „Тодор Ангелевски“ во Битола

 

БИТОЛА – Бура од реакции се крена во битолската јавноста по веста на полицијата дека наставничка во повеќе наврати тепала ученичка во основно училиште во Битола.

Случајот во полиција го пријавил таткото на малолетното девојче пред три дена. Во исто време наставници од ОУ „Тодор Ангелевски“ на социјалните мрежи го открија школото каде се случувале наводните инциденти и тврдат дека насилство немало, туку дека станува збор за заткулисна игра во битката кој да седне во директорката фотелја, за која претендира и пријавената наставничка.

СВР Битола официјално извести дека –„На 8.5.2025 во 19.30 часот во СВР Битола, М.Ј. (38) од Битола пријавил дека во основното училиште во кое учела неговата малолетна ќерка во повеќе наврати била физички нападната од наставничката Г.Ј.. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“.

Од ОЈО Битола за „Независен“ изјави дека „штом предметот ќе пристигне во ОЈО Битола ќе се постапува заради утврдување на фактичката состојба.“

Мајката на ученичката пред извесен период контактираше телефонски со нашиот медиум со тврдење дека поседува докази за случајот.

Наставникот Димитар Пипилевски од ОУ „Тодор Ангелевски“ вели дека случајот првично бил пријавен лани во октомври до Државната просветна инспекција која не утврдила пропусти.

„Оваа лакрдија се случи во октомври, при што ДПИ констатира дека детето не било со прст гибнато, ниту малтретирано. Симптоматично е што дури сега се поднесува кривична пријава, токму кога обвинетата е кандидат за директор, а целата партија, со страшни притисоци застана зад другиот кандидат. Како и да е, институциите ќе си го решат случајот“, вели наставникот Пипилевски.

Поранешната директорка на ОУ „Тодор Ангелевски“ Љубица Стерјева, јавно ја повика наставничка фела да застане во поддршка на колешката (пријавената наставничка во СВР Битола) велејќи – „Денес е таа, утре може да биде било кој од нас“.  

„Во нашето општество, кога некој ќе се кандидира за позиција со одговорност, за жал многу често сведочиме на ‘чудесни’ појави на обвинувања токму во тој момент. Таков е и случајот сега – обвинување изнесено дури неколку месеци по наводниот настан, токму кога наставничката станува противкандидатка. Случајност? Тешко. Jавноста заслужува да знае – кога и зошто се отвораат вакви теми? Институциите нека ја завршат својата работа објективно и професионално. Но ние како граѓани имаме обврска да не дозволиме дискредитација преку конструкција. Заштитата на достоинството, честа и професионалниот интегритет на секој наставник и граѓанин мора да биде над сечии лични или политички амбиции. Демократија се гради со чесна борба, а не со подметнувања“, вели Стерјева.

Пред една недела пропадна конкурсот за избор на директор во ОУ „Тодор Ангелевски“ бидејќи ни една од двете пријавени кандидатки не го доби потребното мнозинство. Се очекува  повторување на постапката со нов оглас или назначување на ве-де директор. (А.Б.)