Битиќи во Венеција: Во пост-ковид периодот неопходно е капитализирање на целиот потенцијал на европските економии

Италија– Пост-ковид периодот ја покажа неопходноста од капитализирањето на целиот потенцијал на економиите на европските земји, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој придружуван од министерот за дијаспора Џемаил Чупи, генералниот конзул на земјава во Венеција, Стојан Витанов и претседателот на Италијанско-македонската комора „Апи Нордест“, Мунир Шемши, оствари средби со претставници на локалната самоуправа на градот Венеција и регионот Венето.
На средбите, кои се дел од дводневната работната посета на владината делегација Италија со цел е промоција на првата Македонско-италијанска стопанска комора, „Апи Нордест“, Битиќи изрази задоволство од извонредната економска и културна соработка со Италија, која беше повторена и неодамна при прославувањето на денот на Италијанската Република во нашата земја.
На средбата со префектот на Венеција Виторио Запалорто, вицепремиерот Битиќи истакна дека ова е прва економска делегација по долго време во Венеција, потенцирајќи дека Италија е една од првите десет земји со кои Северна Македонија има интензивна трговска соработка.
Посакувајќи срдечно добредојде на високите гости од Северна Македонија со кои разговараше за идната регионална соработка и економски развој помеѓу двете земји коишто имаат традиционално добри односи, Запалорто изрази задоволство од укажаната можност да биде нивни домаќин.
Во рамки на посетата на Италија, македонската делегација предводена од вицепремиерот Битиќи се сретна и со Елиза де Берти, заменик-претседателка на регионот Венето.
Претставниците на владината делегација истакнаа дека само во регионот на Венето живеат и работат 25.000 наши граѓани и изразија надеж дека дел од оваа бизнис заедница во иднина ќе најде интерес за инвестиции и соработка со матичната земја.
На средбата, беше изразена континуираната одлична соработка меѓу Италија и Северна Македонија, при што од страна на двете делегации беше подвлечено дека најдобар доказ за тоа е тоа што италијанските компании се меѓу првите пет инвеститори во нашата земја.
Министерот за дијаспора Чупи посочи дека Владата е посветена на мапирање на нашата дијаспора, вклучувајќи ја економската и академската дијаспора, со цел обновување и зацврстување на нашите врски и обезбедување подобар економски развој за граѓаните.