Битиќи: Каматите на кредитите стануваат сериозна буџетска ставка
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостување во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 ја истакна сериозната состојба со новиот буџет, предупредувајќи дека со вака поставениот економско-фискален модел државата може да се соочи со сериозна криза, веќе за две години.
Тој потсети на фактот дека СДСМ имаше јасна визија за економски раст и стабилност, во економската понуда која партијата ја имаше на парламентарните избори лани.
„Ние зборуваме за минимална плата од 500 евра за првата година , и навистина сега ќе го имавме тоа, а до крајот на мандатот планирани беа 800 евра и императив од 900 евра при влез во ЕУ, затоа што нашите проекции беа дека до 2030 би станале членка на ЕУ. Кои се проекциите на сегашната влада? Еве денес слушаме изјава од министерот за економија, вели: ‘Не се секирајте, во март ќе имате 2 илјади денари повисока минимална плата’“, посочи Битиќи.
Тој предупреди и на ризиците од неодговорно управување со јавните средства и можната загуба на европски финансиски поддршки, посочувајќи дека случајот со Платежната агенција ја открива ранливоста на системот и непочитувањето на европските стандарди:
„Ако планираните инвестиции од 30 милиони евра не се реализираат, последиците се огромни. Можно е ЕУ целосно да го прекине или укине финансирањето, што би значело годишно губење од 120–130 милиони евра“, рече Битиќи.