Битиќи добро постапи и го поддржувам, вели Ковачевски

Премиерот вели дека неговиот вчерашен одговор на прашањето за тоа дека „целата држава може да биде во рацете на ДУИ“, ддговорот се однесувал на темата, а не е против новинар или медиум


 

Одговорот воопшто не беше наменет кон новинарот или кон телевизијата, или спрема кој било медиум, бидејќи моите одговори се кон прашањето. Сметам дека министерот Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи, изјави премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ кој присуствуваше на сенародниот собир кај манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепско Селце.

Тој одговори на новинарско прашање за ситуацијата при вчерашната прес-конференција во Скопје кога  вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги напушти изјавите откако новинар на Алфа го праша премиерот „Дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се подготвени како влада, ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ“.  Беше прашан и дали ќе се извини.

„Во однос на вчерашниот ден имаше прес-конференција на која беше одговарано на прашања. Одговорот не беше насочен лично ниту спрема новинарот ниту спрема кој било медиум, туку беше насочен кон темата која беше поставена. Тука се повикав на она што беше кажано во мојот говор на 11 октомври во Куманово при што кажав дека во нашата држава имаме изградено мултиетничко општество, едно општество за сите, имаме изградено соживот кој овозможува на секој поединец, без разлика на неговата етничка, национална, верска или која било припадност да може да го планира, да го развива својот личен, професионален капацитет и својата кариера. Сметам дека тоа е голема придобивка. Фатмир Битиќи е Албанец, но во исто време е и вицепремиер на Владата, предложен од СДСМ. Тој е мој вицепремиер. Не е вицепремиер затоа што е Албанец, туку зашто неговото „си-ви“ е едно од подобрите од областа на економијата во мојата и во неколку генерации економисти. Работел а меѓународни проекти, поминал врвни обуки и сметам дека поставувањето прашања дека кој било припадник на која било етничка заедница дали може да извршува одредена функција, е некоректно“, изјави Ковачевски.

„Прашањето ви беше апсолутно некоректно. енес во нашата држава имаме концепт за европска Македонија кој што го предводи Владата и СДСМ, кој што го третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска или било која припадност. Меѓутоа имаме појава на еден популизам, кој што во својата основа има етнонационализам и ксенофобија, кој што за мене е форма на модерен фашизам. Ви благодарам на прашањата и се гледаме во наредна прилика“, рече во одговорот Ковачевски.

Премиерот денеска нагласи дека државава во поглед на слободата на медиумите е на 38 место, наспроти на 120-тото во поранешниот период во 11-годишен комплетно недемократски режим. Тој со директно посочување на, како што рече, ширење тензии на национална основа од двете опозициони партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, постави и директно прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во нашата држава постојат две политички партии кои во моментов се во опозиција, тука мислам на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, на кои единствена агенда во моментов им е ширење тензии на национална основа и го прават секојдневно, што во значително непријатна ситуација ги става и медиумите. Тоа не води никако напред. А истите тие политички партии кои зборуваат против политичките партии со етнички предзнак, тие 11 години беа на власт со тие партии. Истите тие партии кои сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со ДУИ. И прашувам: дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на неговото високо раководство колку пати во последниве шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и за што разговарале на тие состаноци, доколку ги имале?“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека „нѐ очекува повторно тешка и кризна зима на што сите министерства во Владата работат за да обезбедиме сѐ што е потребно: од енергенси и воспоставување на ред во цените во државава“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија остро го осудија „односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.

Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на денешниот настан“, се вели во реакцијата.

И Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку соопштение го осуди „некоректниот однос на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи“.