Битиќи: До сега поднесени 12.480 барања за мерката 14.500 денари, крајниот рок е до четврток


Битиќи: Аплицирањето за третиот пакет ќе биде едноставено и познато во следните две до три недели

До Управата за јавни приходи се поднесени 12.480 барања за мерката за минимална плата од 14.500 денари, а имајќи во предвид дека преостануваат уште три дена за доставување апликации, се очекува овој број да биде значително поголем. Ова го изјави Фатмир Битиќи, специјален советник на премиерот во Владата, кој на денешната прес-конференција ги повика фирмите да ја искористат можноста и до крајниот предвиден рок, 7 мај, односно четврток до 24 часот, да ги поднесат бараните документи до УЈП по електронски пат.

Битиќи се осврна и на шпекулациите за бројот на лица кои останале без работа поради корона кризата. Тој рече дека според податоците на надлежните институции, бројот на невработени во март бил зголемен за 2.000 лица, а во април за уште 7.000 лица, што е многу помалку од 100 илјади невработени колку што тврдат од опозицијата.

„Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11  март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции“, рече Битиќи.

Во однос на двете кредитни линии кои се пласираат преку Развојната банка, Ковид 1 и Ковид 2, во вкупен износ од 13,7 милиони евра во вид на бескаматни кредити, Битиќи рече дека и за нив заинтересираноста кај фирмите е голема.

Овие кредитни линии се наменети за микро, малите и средните претпријатија за подобрување на нивната ликвидност. Така, кај кредитната линија Ковид 1, кај која рокот за аплицирање е завршен, одобрени се 631 бескаматни кредити за фирми со вкупно 5.558 вработени, рече Битиќи.

Според структурата на одобрените кредити, 76 отсто биле за фирми до десет вработени, односно микро претпријатија, за мали фирми до 50 вработени биле одобрени 22,1 отсто од кредитите и за средни компании до 250 вработени – еден отсто од кредитите.

Кредитната линија Ковид 2 е уште активна и за неа рокот уште не е завршен, па Битиќи ги повика фирмите до 13 мај да аплицираат за овие бескаматни кредити. Инаку, до вчера до Развојната банка за оваа кредитна линија биле поднесени вкупно 1.260 барања.

Битиќи исто така најави дека наскоро преку комерцијалните банки ќе биде достапна уште една кредитна линија во износ од 51 милион евра, под исклучително поволни услови.

Тој додаде дека се прави се, преку брз поврат на ДДВ да се подобри ликвидноста на фирмите. Така, заклучно со април биле вратени вкупно 145 милиони евра ДДВ што е за 16,7 отсто повеќе од лани, а само во април годинава биле вратени 38 милиони евра, или за 23 отсто повеќе од истиот месец лани. (М.Ј.)