Битиќи: Без структурни и системски промени нема отворање пат за одржлив раст и развој


Фото: Б. Грданоски

 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска од владината конференција „Година на нови можности“ порача дека без структурни и системски промени нема отворање пат за одржлив раст и развој.

Битиќи се осврна на мерките и политиките што ги презема Владата  во период кога сме исправени, како што истакна, со сериозна криза. Тој во своето обраќање стави акцент на реструктуирањето на домашната економија како нужен процес, на Планот за економски раст и поддршката на инвестициите, не само странски, туку и домашни, на поддршката за истражување и развој во фирмите, како и на рамномерниот регионален развој.

Моментно, информира вицепремиерот, се работи на т.н. смарт специјализација – документ што ќе ги даде насоките на движење на економијата во секторите кои се клучни и креираат додадена вредност.

-Што се правиме околу вреднувањето на трудот? Воведуваме системски промени и поинаков пристап. Првпат во државата ни минималната плата, ни пензиите не се користат како алатка за уценување, туку има систем кој секоја година ги усогласува со јасните, претходно дефинирани критеруми зашто тоа ќе донесе одржлив раст и на минималната плата и достоинствено плаќање на трудот на нашиот пазар, подвлече Битиќи.

Накусо, тој се осврна и на антикризните мерки, посочувајќи дека нивното имплементирање било нужно за да се задржи ликвидноста на компаниите и да се задржат работните места.

-Во 2018 година беше одобрен Планот за економски раст со среднорочна развојна компонента што треба да влијае на реструктуирање на нашата економија. Почнавме да ги поддржуваме сите инвестиции, независно дали се домашни или странски. Со гордост можам да кажам дека денес имаме што да покажеме како исход. Владата не е фокусирана само на еден од параметрите – растот на БДП, туку клучно е дали се поддржуваат компаниите и дали бизнисот е подготвен да одговори на предизвикот да го донесе посакуваниот раст и развој. Во оваа прилика би нагласил дека многу добро знаеме како се привлекуваат инвестиции. Минатата година ја завршивме со 560 милиони евра странски инвестиции, а за тоа користиме нула средства на нашите граѓани, потсети Битиќи.

Според него, евидентни се и резултатите во однос на рамномерниот регионален развој.

-Наместо да се продлабочува, го намалуваме јазот меѓу регионите во државата. Од година во година растат инвестициите надвор од најразвиениот регион што е одличен резултат по еден макотрпен процес, заклучи вицепремиерот.

Говорници на панелот „Инвестиции и економски раст во услови на криза“  се и директорот на Развојна банка Кире Наумов, академик Таки Фити, како и Илија Господинов од МАСИТ. Видео обраќање имаше и претседателот на Стопанска комора Бранко Азески.