Бислимска клисура доби рекреативен еко-центар и опрема за кајакарење, планински велосипедизам, возење четвороцикли и опрема за алпинизам


Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Тејада, денеска во Бислимска клисура го промовираа проектот „Уредување и валоризација на спортско рекреативен еко-центар Бислим“.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Димитриевски се заблагодари на швајцарската амбасадорка Зутер Тејада и министерот Милевски за поддршката која ја дадоа за развивање на туризмот во северо-источниот регион.

„Пред година ипол отпочнавме заеднички проект со швајцарската амбасада, кадешто северо-истичниот плански регион доби средства во износ некаде околу 8 милиони денари. Со средствата беше набавена различна спортска опрема – кајак опрема, опрема за планински велосипедизам, мотокрос опрема – четирицикли, дополнителна опрема за искачување во планински предели. И истата, северо-истичниот плански регион со едногласна одлука на сите градоначалници од регионот ја додели на Лаг Абер 2015 од Куманово, коишто во соработка со друга професионална организација која се занимава со развој на ваков спорт веќе отпочнува со имплементација и развој на вакви проекти. Нашата цел како општина е да го искористиме капацитетот на Бислимската клисура за дополнителен развој на туризмот, не само во Општина Куманово, туку и во регионот“, потенцираше Димитриевски и додаде дека како општина и регион има намера да се даде дополнителна поддршка на сите ентузијасти кои ќе го развиваат овој туризам, на еден ваков популарен начин.

Швајцарската амбасадорка Зутер Тејада изрази задоволство што денеска присуствува на свечено отворање на спортско рекреативниот еко-центар во Бислимската клисура.

„Овие бои, планини, карпи, реката – ваква убавина навистина досега немам видено во земјава, а тоа можам да го кажам по 5 години присуство во истата. Како претставник на Швајцарија, навистина сум горда што сум дел од ова партнерство – партнерство со општината, со локалната заедница, со Министерството и навистина ми е драго што можевме да допринесеме да се развие оваа дестинација. Исто така, би сакала да кажам дека мошне сум задоволна дека во изминатите неколку години соработката со Министерството за локална самоуправа навистина напредна многу и е прекрасно искуство. Особена благодарност на градоначалникот на Куманово Димитриевски што секогаш е спремен да поддржи вакви иницијативи и е подготвен и понатаму да го продолжува развојот на Бислимска клисура како дестинација. А сега и едвај чекам да видам какво е искуството со искачувањето на карпите, а можеби и некоја од другите активности како пешачење, кајакарења и возење велосипед“, рече Зутер Тејада.

Министерот Милевски информираше дека во Бислимска клисура, општината Куманово и Вертикал травел од Скопје ќе настапат под заедничко име – Outdoor Adventure Macedonia.

„Ние како министерство со швајцарската амбасада набавивме 20 комплетно опремени кајаци, кои можат да ги користат и лицата со посебни потреби. Набавени се 8 машки и 8 женски велосипеди, 6 електрични велосипеди и 2 мотори со погон на четири тркала и се разбира дополнителна опрема која што ќе се користи за разновидни содржини – велосипедизам, авантуристичкиот туризам, алпинизмот. Ова е неискористен потенцијал за туризмот во целиот северо-источен плански регион, особено на Куманово кои се носители на овој регион. Практично, ќе стимулира и нови инвестиции тука, и во селото Пчиња, но и пошироко бидејќи очекуваме туристи не само од нашата држава, но и од странство. Ја збогатуваме понудата за авантуристичкиот туризам со тоа што го реновиравме и ставаме во функција овој еко центар Бислим којшто бил неискористен потенцијал за туризмот во нашата држава. Се надевам дека во иднина и со швајцарската амбасада ќе продолжиме да инвестираме во вакви точки, кои значат стимулирање на локалната економија и развој на туризмот во целата држава“, истакна Милевски.

Целта на проектот е да се поттикне социјална интеграција, инклузивност и отвореност за еднакви можности на децата со физичка попреченост.