Бислимоски: Со либерализацијата фирмите плаќаат и до 30 отсто помали сметки за струја
Либерализацијата на пазарот на електрична енергија минатата година донесе пониски трошоците и до 30 отсто за дел од компаниите. Со новите мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија се намалија трошоците за приклучување на електродистрибутивната мрежа од 500 на 370 евра, а намалена е и цената за услугата за повторно приклучување неколкукратно. Од 500 на 200 евра го намаливме надоместокот за одвојување на мерно место, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, сумирајќи ги активностите презентирани во Годишниот извештај за 2019 година, кој е достевн до Собранието.
-Во однос на пазарот на електрична енергија значајно е што минатата година во целост се либерализираше, со што сите потрошувачи вклучувајќи ги и домаќинствата се стекнаа со правото да изберат свој снабдувач. Во 2019 година се воведе за прв пат Универзалниот снабдувач на електрична енергија кој се покажа како успешен модел кој ја гарантира најдобрата цена за малите потрошувачи и домаќинствата, велат од РКЕ.
Претседателот Бислимоски, посочи дека фокусот е насочен кон сигурна и стабилна испорака на енергија, енергенси и вода до потрошувачите. Во текот на минатата година се одржани 170 главни седници и донесени повеќе од 30 подзаконски акти во коишто се имплементирани обврските од Третиот енергетски пакет за внатрешен пазар на енергија на Европската Унија.
-Резултатите од преземените активности во 2019 година ни го донесе признанието за најдобро регулаторно тело од земјите членки на Енергетската заедница, втора година по ред. Значајно е да се напомена во однос на пресекот на 2019 година е дека цената на електричната енергија за домаќинствата остана стабилна, а граѓаните продолжија да го користат дневниот период на евтина тарифа, поради што добиваа пониски сметки за електрична енергија во просек за 5 отсто.
Минатата година, како што објасни, за 16 отсто е зголемена потрошувачката на природен гас во споредба со 2018 година. Цената на пазарот на мало во овој период не бележи промени. Во исто време е регистриран и раст од 4 отсто на бројот на приклучени потрошувачи кон системот за топлинска енергија, а сметките се намелени во просека за 5,71 отсто како резултат на намаленото ДДВ за топлинска енергија од 18 на 5 отсто. Регулаторната комисија за енергетика донесе нови Правила за снабдување со топлинска енергија во кои домаќинствата исклучени од системот за парно греење повеќе немаат обврска да плаќаат фиксен надоместок за услугата која не ја користат.
-Првпат по 20 години од примената на Методологијата за утврдување на највисоки цени на одделни нафтени деривати, дефинирана во Анексот Д од купопродажниот договор за акции и концесии за рафинеријата ОКТА, почна да се применува нова методологија со којшто се воведе нов и егзактен пристап во формирањето на малопродажните цени на одделните нафтени во Република Северна Македонија, нагласи Бислимоски.
Нивото на неприходувана вода во цела држава, додаде, е намалено за 3 отсто споредено со 2018 година. Четиринаесет давателите на водни услуги на подрачја со под 10.000 еквивалент жители првпат започнаа со примена на тарифи утврдени од страна на Регулаторната комисија за енергетика, додека за останатите во тек беше втора година од првиот регулиран период.
Со техничка поддршка од USAID и NARUC, како што кажа, креирана е интернет платформата за споредба на цени на електрична енергија Switch.mk со тоа земјава стана првата држава во рамки на Енергетската заедница која воведе ваква функционална алатка.