Бислимоски: Ќе искористиме сè што ни постoи како можност за да ја релаксираме цената на струјата
Не сум приврзаник на каква било промена, односно зголемување на цената на електрична енергија. Сè што постои како можност и тоа што го имаме на располагање ќе го искористиме за да можеме уште повеќе да ја релаксираме ситуацијата со цената на електрична енергија, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
Нагласи дека примената на блоковите веќе дава резултати, намалена е потрошувачката, а и цената на електричната енергија на слободниот пазар е нешто пониска отколку што беше во изминатиот период.
-Барање за нова цена на струјата има поднесено Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Хоум и МЕМО во својство на оператор на пазар на електрична енергија. Преносниот систем оператор МЕПСО се уште нема поднесено барање за определување на цената за пренос на електрична енергија. Последниот рок е 31 мај и моите очекувања се дека тоа ќе биде направено до среда. Потоа, РКЕ ќе прави вообичаено анализи како што прави секоја година и ќе ги донесеме одлуките, изјави Бислимоски по завршувањето на Интерактивниот семинар за медиуми за најновите случувања во енергетскиот сектор во организација на РКЕ во соработка со Проектот на УСАИД – Поврзани за развој.
Од тоа што го имаме добиено, додаде, од Електродистрибуција бараат покачување за дистрибуција на електрична енергија од 32,13 проценти за вршење на нивната дејност – дистрибуција на електрична енергија.
-За операторот на пазарот на електрична енергија се уште не е обработено барањето, а додека ЕВН Хоум нема наведено колкава промена бара на цената и тоа е во ред, бидејќи ЕВН Хоум во текот на јуни треба да ја направи набавката на електричната енергија на тендерот којшто треба да го распише во текот на наредниот месец, а исто така не го знае колкав ќе биде трошокот за пренос и трошокот за дистрибуција на електрична енергија, појасни Бислимоски.
На прашање како ќе влијае евентуалното зголемување на ДДВ-то за стујата од 10 на 18 отсто од први јули годинава врз цената на електричната енергија, посочи дека РКЕ кога ги носи своите цени, носи цени без ДДВ, така што врз нивната одлука тоа ќе нема никакво влијание.