Бислимоски: „Чебрен“ значајно ќе ја намали енергетската зависност на земјата
Со овој нов капацитет ќе може да се задоволат потребите на 250 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека во земјава се случува реална енергетската транзиција што на долг рок подразбира ниски сметки на електрична енергија. Дел од тој процес, секако е и хидроелектраната „Чебрен“ за која што Владата на вчерашната седница донесе одлука за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река на конзорциумот ППЦ-Архиродон.
„Станува збор за стратешка реализација на огромен енергетски капацитет кој драстично ќе влијае врз намалување на енергетската зависност на земјава“, вели Бислимоски за „Независен“.
Тој објаснува дека ХЕЦ „Чебрен“ е реверзибилна централа, која што ќе се полни со вода во текот на ноќта кога цената на електричната енергија е најниска, со што ќе се овозможи производство на струја во часовите кога цената е најскапа на берза и на тој начин ќе се осигура дополнителни количини на домашна евтина електрична енергија за домаќинствата. Со овој нов капацитет ќе може да се задоволат потребите на 250 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија.
„Инаку, реализацијата на овој капацитет е клучна затоа што ја јакнеме енергетската независност преку обезбедување на системските резерви, што пак е долгорочен гарантор на сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија. Дополнително поради огромната количина на електрична енергија која може да се произведе ќе може активно да се учествува на регионален пазар на балансна енергија“, нагласува Бислимоски.
Тој додава дека конечната реализација на ХЕЦ „Чебрен“, заедно со Елдорадото на фотоволтаиците кое се случува во земјава ја обезбедува енергетската независност на државата за сите идни генерации.
„Во моментов се случува реална енергетската транзиција што на долг рок подразбира ниски сметки на електрична енергија , добиена од Сонце, ветер и вода – како и од биомаса, наместо од јаглен“, вели Бислимоски за „Независен“. (М.Ј.)