Бионтек: Треба да се обезбеди чесна поделба на вакцината во светот
Германија – Угур Шахин, директорот на компанијата „Бионтек“, чиј тим експерти стои зад ветувачката вакцина против коронавирус, вели дека е важно да се обезбеди чесна поделба на вакцината низ целиот свет и дека тоа го очекува во првата половина на 2021 година кога ќе биде можно да се испорачаат 200 милиони дози во Европа и 100 милиони дози во САД.
– Нашата работа сега е да го зголемиме производството за да можеме да обезбедиме до 1,3 милијарди дози следната година. За тоа се потребни многу повеќе инвестиции, изјави Шахин за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Тој посочи дека процесите на одобрување на вакцината се одвиваат паралелно во САД и Европа.
– Ние веќе доставивме гол број документи до Европската агенција за лекови (ЕМА) и властите веќе одговорија. Во следните две до три недели, планираме да им обезбедиме и податоци за ефикасноста на вакцината. ЕМА бара информации во малку поинаков формат од американските власти, рече Шахин.
Тој додаде дека колку брзо ќе биде одобрена употребата на вакцината зависи од тоа „кои прашања ќе бидат отворени“.
Според него, Управата за храна и лекови на САД (ФДА) би можела итно да одобри употреба на вакцината веќе во средината на декември.
Директорот на „Бионтек“ истакна дека е многу важно да се обезбеди правична дистрибуција на вакцините.
– Пандемија е присутна насекаде низ светот. Според тоа, во моментов можеме да се фокусираме само на оние места каде што можеме да добиеме дозвола, а потоа да доставиме вакцини таму. Имаме различни договори со САД, Англија, но и во Европа и некои други земји. Ќе се обидеме да обезбедиме дози за различни региони во светот. Сето ова ќе се промени во 2021 година кога нашиот производствен капацитет значително ќе се зголеми”, рече Шахин.
Тој додаде дека цената на вакцината ќе варира низ целиот свет и ќе биде приспособена на економските стандарди на земјите. За одредување на цената на вакцината, како што рече, пресудна ќе биде количината на нарачката.
Како пример, тој наведе дека за нарачка од 100 милиони дози, цената треба да биде нешто помалку од 20 долари за вакцина.
Кога станува збор за ефикасноста на вакцината, Шахин рече дека се уште немаат податоци за тоа колку долго ќе трае нејзиниот заштитен ефект.
Во моментов, тој рече дека немаат причина да мислат дека антителата можат драматично да се намалат во рок од една година.
Тој се осврна и на вакцинирањето на децата, наведувајќи дека во моментов се водат преговори дали најмладата популација ќе биде вакцинирана на почетокот.
Шахин рече дека на децата не им е потребна итна вакцинација, иако постојат поединечни тешки случаи за кои, како што рече, ќе биде потребно да се обезбедат првите дози.
Компанијата „Бионтек“ разви вакцина против коронавирус во соработка со американската компанија „Фајзер“.