„Бионтек“ презема британска компанија за вештачка интелигенција


Германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ (BioNTech) денеска извести дека го завршила купувањето на британската компанија специјализирана за вештачка интелигенција „Инстадип“ (InstaDeep), која планира да се вклучи во развојот на нови лекови.

„Бионтек“ го најави купувањето на „Инстадип“ на почетокот на годината, а во последното соопштение наведе дека ќе плати околу 500 милиони евра за британската компанија и ќе учествува со нејзините акции. Планираат и исплати за исклучителни деловни резултати.

Тие забележуваат дека работат со „Инстадип“ од 2019 година и дека инвестирале во компанијата во јануари 2022 година, како дел од кругот на финансирање.

Стекнувањето на британската компанија е дел од стратегијата на „Бионтек“ да изгради капацитет за откривање лекови со помош на вештачка интелигенција.

„Бионтек“ ќе преземе околу 290 вработени во „Инстадип“ и ќе го задржи брендот. Како подружница на „Бионтек“, „Инстадип“ ќе продолжи да нуди услуги на клиенти во други сектори, како што се транспорт и логистика, индустрија и финансиски услуги, додаваат тие.