Билјана Ивановска со концептот 3 – 30 – 300 ќе го освојува скопски Центар

„Независни заедно“ денеска ја промовираа Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, за нивен кандидат за градоначалник на Општина Центар во Скопје. Симболично, Ивановска својата кандидатура ја објави пред фонтаната „Лотус“ на влезот од Градскиот парк.
„Ќе се борам во општина Центар да внесам нови стандарди и вредности и посебно стандардот 3 – 30 – 300“, изјави Ивановска. И потоа објасни што значи тој концепт.
„Стандардот 3 – 30 – 300 значи дека секој граѓанин кога ќе стане од својот прозорец да може да види три дрвја, по секој жител да има 30 метри квадратни зеленило и на 300 метри да има парк. Ние сега сме далеку од тоа но барем некако да се доближиме“, рече Ивановска.
Таа рече дека ќе има три приоритети за општина Центар.
„Мојата кампања ќе се базира на три столба. Првиот столб е одговорност, отчетност и транспарентност бидејќи општината има припаѓа на сите граѓани. Секој граѓанин треба да знае какви политики се креираат. Вториот столб е инкузивност бидејќи секој граѓанин е важен, како и негова индивидуалност и креативност. Третиот столб е заедништво и солидарност бидејќи веруваме во управување со вредности а не управување со профит“, потенцира Ивановска.
Од „Шанса за центар“ ги повикаа сите граѓани кои се согласуваат со нивните ставови да им се придружат.
„Вредностите кои ние ги застапуваме се децентрализираната демократија и учество на граѓаните, економска, еколошка и социјална одржливост, правда, правичност и антикорупција и човекови вредности“, рече Јана Белчева од „Шанса за Центар“.
Граѓанската платформа „Независни заедно“, како што најави Јане Белчева, од „Шанса за Центар“, ќе има и свој кандидат за градоначалник на Скопје. Неговото име ќе биде соопштено наскоро. Тие сега се во процедура на собирање потписи за регистрирање како партија. Платформата „Независни заедно“ е составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и граѓанската иницијатива „398“. (Н.В.)