Бил Клинтон до косовската влада: Прекинете со глупостите на северот на земјата


Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој во голема мера е одговорен за завршувањето на војната во Косово пред повеќе од две децении, ѝ порача на косовската влада вчера да ги прекине акциите на северот. Да потсетиме, тензиите на северот на Косово, каде Србите се мнозинство, се разгореа во последните неколку месеци, пишува Ројтерс.

Северно Косово, дом на 50.000 етнички Срби, неодамна ги доживеа најтешките тензии откако Приштина прогласи независност од Србија во 2008 година. Насилството избувна кон крајот на мај кога градоначалниците, етнички Албанци, ја презедоа функцијата по локалните избори на кои излезноста беше само 3,5 отсто бидејќи Србите го бојкотираа гласањето.

Клинтон беше поборник за интервенција на НАТО
Во судирите со српските демонстранти беа повредени околу триесет мировници на НАТО кои бранеа три градски собранија на северот на Косово.

„Лесно е за Албанците кои сега се мнозинство да се обидат да го искористат моментот за да поентираат. Но, вистинската работа што треба да ја направиме е да ги запреме овие глупости“, рече Клинтон за време на церемонијата во Тирана каде што доби медал од албанскиот премиер Еди Рама.

Клинтон беше најотворениот поборник за интервенција на НАТО за да се запре убивањето на косовски цивили од страна на српските сили за време на задушувањето на герилскиот бунт на косовските Албанци од 1998-1999 година од страна на Белград. Војната заврши во јуни 1999 година по 78 дена НАТО бомбардирање на српските сили.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија, главните сојузници на Косово, во голема мера го обвинија премиерот Албин Курти за поттикнување тензии на северот со инсталирање на четворица градоначалници во нивните канцеларии со полиција и покрај приговорите на локалните Срби.

„Кое големо политичко прашање би можело да се поттикне со начинот на кој се водат овие четири мали градови?“, праша Клинтон.