Бил Гејтс и уште шест лица, повикани да сведочат пред Претставничкиот дом за Епштајн


Вашингтон – Одборот за надзор и владини реформи на американскиот Претставнички дом повика седум лица да сведочат како дел од истрагата за врските со покојниот, осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, меѓу кои и коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.

Претседателот на Одборот, Џејмс Комер истакна дека верува оти повиканите лица имаат информации релевантни за истрагата, што опфаќа наводно лошо водење на федералната истрага за Епштајн и неговата соработничка Гилејн Максвел, како и можни обиди за влијание за заштита на нивните нелегални активности.

Покрај Гејтс, поканети се и поранешните соработници на Епштајн, Лесли Гроф и Сара Келен, поранешна советничка во Белата куќа во администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, Кетрин Рамлер, коосновач на „Аполо Глобал Менаџмент“, Леон Блек, долгогодишен соработник на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, Даг Бенд и технолошкиот претприемач Тед Вејт.

Сослушувањата се закажани за периодот од 16 април до 9 јуни. Ниту еден од поканетите лица да сведочат не се кривично обвинети во случајот Епсштајн.

Портпаролот на Гејтс изјави дека тој „никогаш не бил сведок ниту учествувал во какво било незаконско однесување на Епштајн“.