Бил Гејтс до вработените во Фондацијата: Моите врски со Епштајн ја засенија вашата работа
Бил Гејтс им се извини на вработените во Фондацијата Гејтс за неговите врски со Џефри Епштајн. Тој призна грешки што ги направил, кои ја оцрниле добротворната организација, но инсистираше дека немал никаква улога во злосторствата на Епштајн, објави „Волстрит џурнал“.
На состанокот вчера, коосновачот на „Мајкрософт“ призна дека имал две афери со руски жени за кои Епштајн подоцна дознал, но нагласи дека тие не ги вклучувале жртвите на Епштајн. „Не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално“, рече Гејтс, според снимка што ја слушна „Волстрит џурнал“.
Гејтс, исто така, коментираше за фотографиите од неодамна објавените документи на Епштајн на кои се гледа како тој е со жени чии лица се заматени. Тој тврди дека Епштајн го замолил да се фотографира со неговите асистентки по состаноците. „Да биде јасно, никогаш не поминав време со жртвите, жените во неговиот круг“, рече тој.
„Беше огромна грешка да поминам време со Епштајн“ и да го доведам раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуалниот престапник, рече тој. „Им се извинувам на сите што беа вклучени во ова за грешката што ја направив“.
Милијардерот откри дека неговите средби со Епштајн започнале во 2011 година, години откако Епштајн се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетничка. Гејтс рече дека бил свесен за „некаква 18-месечна наредба“ со која се ограничува патувањето на Епштајн, но дека не направил доволно проверки на неговото минато.
Тој продолжил да ги одржува средбите дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Френч Гејтс, изрази загриженост во 2013 година. „Според она што го знам сега, тоа е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека ова бил континуиран модел на недолично однесување“, им рекол Гејтс на вработените.
Тој додаде за својата поранешна сопруга: „Морам да ѝ оддам признание, таа секогаш беше доста сомничава за целата работа со Епштајн“. Гејтс вчера им кажа на вработените дека продолжил да се среќава со Епштајн до 2014 година, летајќи со него со приватен авион и поминувајќи време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не сум спиел кај него“, рече тој, ниту пак го посетил островот на Епштајн.
Тој рече дека Епштајн „зборувал за своите блиски односи со многу милијардери, особено милијардери од Волстрит“ и го уверил дека може да помогне во собирањето пари за каузи како што е глобалното здравје. Гејтс додаде дека присуството на други истакнати луѓе на состаноците придонело за „чувство на нормалност“.
Тој призна дека неговата поврзаност со Епштајн му помогнала на самиот сексуален престапник да ја поправи својата репутација. Гејтс призна дека неговите врски со Епштајн и неодамна објавените е-пораки од документите на Министерството за правда фрлиле сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзината репутација.
„Тоа е целосно неконзистентно со вредностите и целите на Фондацијата“, рече тој. „А нашата работа е многу чувствителна на репутацијата. Луѓето можат да изберат дали да работат со нас или не“. Портпарол на Фондацијата Гејтс рече дека Гејтс одржува вакви состаноци со вработените двапати годишно и дека „зборувал искрено, одговарал на неколку прашања детално и ја преземал одговорноста за своите постапки“.