Бидете сигурни, додека е Мицкоски премиер, тешко до ЕУ
Премиерот убедува дека европските интеграции биле приоритет, но додека е тој на тоа место „нема да има игри со вакви прашања“

Во политиката цинизмот е една од вообичаените работи, понекогаш можност за добро поентирање, но некогаш и за промашување на целта.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето во Македонската филхармонија по повод 8 Септември си поигра мајтап со понудата на опозицијата за изработка на документ со кој, покрај споменувањето на црвени линии, државата ќе може да оди напред кон ЕУ.
Тој уште пред да го види документот рече дека неговата „боја ќе биде побледа од најбелата боја“ и речиси во старт ја дисквалификуваше можната јавна расправа за предлогот на опозициската СДСМ. И во исто време, наведувајќи бројки како Македонија се иселува и училиштата се празнат, ги убедуваше присутните во салата (а и јавноста) дека тој работи на тоа Македонија да има најдобар животен стандард во регионот и еден од водечките во Европа. Прво со нашите 9.300 долари БДП по жител некако да ги стигнеме Словенија – со 34.000 долари и Хрватска со 24.000 долари, а потоа ќе размислуваме да станеме меѓу водечките во Европа. А и владата некако да најде модалитет како може да го запре или забави вистинскиот егзодус на средношколците кои аплицираат за студирање во Словенија.
Додека ние чекаме како владата ќе ги постави шините за да станеме најбогати во Европа, Мицкоски со „радост“ го чекал предлогот на СДСМ за црвените линии. Можеби некои од нив ќе му бидат предложени на Венко Филипче за време на неговата денешна посета на Париз и разговорите со повеќе функционери.
Нагласувајќи го „нетрпението“ со кое го чекал документот од СДСМ за односите со Бугарија, Мицкоски во Филхармонијата рече:
„Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде, во исчекување сум, со нетрпение го чекам – од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа ‘ајде на референдум’, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели ‘мора да се прифати сѐ што е на маса, безусловно’“.
За потоа да ја даде гаранција:
„Да бидете сигурни, додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања. Државата ќе биде сигурна. Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат, но тој пат не смее повеќе да биде срамен. Треба да биде достоинствен, треба да биде пат по којшто ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денеска сите од нас се чувствуваме“.
Тоа и посредно и директно значи европските интеграции се приоритет, но граѓаните треба да знаат дека „државата ќе биде сигурна“ околу ова прашање – дека ЕУ ќе биде подалечна од кога било. Како државата да се оддалечува на некој сплав кога копното изгледаше многу блиску.
ЕУ била приоритет на Владата, но фокусот во работата на премиерот, како што кажа, бил „подобро образование, вистинско европско образование, среќни земјоделци, млади коишто остануваат дома, пензионери коишто се радуваат на своите најубави денови после сѐ она што го направиле во својот живот, за своето семејство и за својата држава, работници коишто имаат услови за работа исти онакви какви што имаат нивните колеги во Европа. Силна економија, инвестиции, животен стандард најдобар на Балканот и еден од водечките во Европа. Тоа е мојот сон и сонот на мојата генерација“.
Сепак, соновите можат да бидат различни. Кога Мицкоски вели дека за заедничката судбина треба да има општествена одговорност тој наведува: „Залудна е мојата лична среќа ако мојот сосед е несреќен. Залудно е ако јас сум задоволен, а сите околу нас се соочуваат со проблеми“.
Тоа не е погрешно – можеби тој е среќен и мисли дека е во право околу неговиот „гранитен“ став околу продолжувањето на патот кон ЕУ, но можеби неговиот сосед воопшто не е среќен поради позициите на Мицкоски. И можеби таа негова (не)среќа е многу поголема од среќата на Мицкоски.
Како и многу често, тој сака да го споменува неговото влегување во политиката и како тој секогаш успевал: „Не дојдов до овде за да се засрамам себеси, моето семејство, а потоа вас. Не дојдов овде за да направам богатство или име. Дојдов за да оставам трага за моите сограѓани заедно да создадеме иднина за моите, за нашите деца“.
За повторно да го изговори слоганот на Никола Димитров од 2015-16: „Ќе нѐ биде“. (Љ.П.)