Бидете без гајле, Мицкоски ќе нѐ спаси

ЕРОЛ РИЗАОВ

ВМРО ДПМНЕ има спектакуларен план за излез од здравствената и економската криза за два три месеца кој набргу на голема радост на сите граѓани ќе биде соопштен. Треба само да ги избереме вистинските луѓе на изборите и работата е завршена

 

Со големо олеснување го проследив денешното обраќање до јавноста на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Сега можеме да си ја накривиме капата, да бидеме стрпливи само два-три месеци и Македонија ќе биде спасена од тешката економска, политичка, здравствена, образовна и секаква друга криза која ја предизвикаа неспособната и криминална влада на СДСМ и хибридниот режим на Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ има спектакуларен план кој набргу ќе биде соопштен, рече многу утешително Мицкоски. Треба само да ги избереме вистинските луѓе на изборите и работата е завршена.

Да го кажеше ова било кој друг немаше да поверувам, ама кога нешто гарантира Мицкоски тоа е толку сугестивно и веродостојно, математички прецизно до трета децимала, просто човек од голема радост занемува, се останува без збор.

Шумата од бројки и факти кажа сѐ. Тешко може човек да запамти толку многу проценти во сите клучни параметри кои се стрмоглавиле во овие први неполни три месеци на пандемија и неспособна влада во споредба со истиот период лани. Не знам што му требаше на Мицкоски да признае дека лани било подобро. Можеше да се задржи само на денешната реалност дека во слободен пад се и индустриското производство и увозот и извозот, трговијата,  приходите од даноци и од добивки… сѐ паѓа.

Во буџетот има огромна црна дупка. Катастрофа која не може да се покрие без ВМРО-ДПМНЕ да управува со земјата. Пад од 10 проценти, па пад од 20 проценти, па уште еден голем пад од 40 проценти, па недостасуваат три милијарди денари, па фалат  пет милијарди денари, па сто милијарди денари, па требаат две милијарди евра и тоа сѐ во наредните месеци ќе се удвои, сѐ до моментот додека не почне да функционира волшебниот план на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по изборите и прогласување на сигурниот победник.

Дајте луѓе, ако треба уште утре да одиме на избори и конечно да здивнеме. Дури, би било добро, да не губиме непотребно скапоцено време во ваква криза со избори и бадијала да се трошат буџетски пари кои и онака ги нема. Веднаш да се предаде власта на ВМРО-ДПМНЕ и нивната експертска влада, да се вратиме во златните времиња кога бевме светски шампиони во бизнис клима и во економски процут и изобилие какво не бевме виделе во изминатите 30 години независност. Чуму ни е хибриден режим кога можеме да имаме вистински режим кој даде одлични резултати во сите сфери од животот цели 11 години во ерата на груевизмот. Бадијала мислевме дека е тоа неповторливо, но еве пак има реални изгледи да се обнови златната доба.

Слушам дека по овие спасоносни најави за излез од кризата во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ ургентно се јавиле неколку премиери, претседатели и министри за финансии на западноевропските и на балканските држави, лично телефонирал и претседателот на Америка, Доналд Трамп, со замолница да им се помогне оти кај нив не бил проблемот во неспособната влада, како кај нас, туку падот на економијата бил предизвикан од пандемијата. Имало и јавувања од колеги професори и нобеловци по економија чии пресметки станале беспредметни и неупотребливи со погрешни проценки колку ќе потрае кризата. По најавата на Мицкоски за спасување на економскиот крах за само неколку месеци и тоа, внимавајте, во сиромашна земја со ограничени ресурси и празен буџет ги фрлиле сите своите анализи и проценки.

Засега најновиот пакет на Мицкоски останува тајна, за да не го дознае власта и да го употреби како свој. Што да каже на ова човек освен да крене рамења и да се прекрсти со двете раце и да му се заблагодари на Господ што ни дал ваков човек што се раѓа само два пати на сто години. Еднаш тоа ни се случи со Никола Груевски, сега и со Христијан Мицкоски.

Ако човек малку  размисли брзо ќе открие дека навистина нема зошто да бидеме загрижени. Тоа што во моментот имаме привремена техничка влада и немаме парламент, што во земјата е прогласена речиси два месеца вонредна состојба и има пандемија, што сме во длабока здравствена и економска криза, што не работат училиштата и факултетите, дипломите се и онака подготвени, сите ќе завршат со успех, ништо страшно  што се затворени границите, што луѓето живеат во страв од  корона вирусот, тоа и не е некој сериозен проблем кога имаме брз излез од сложената ситуацијата.

Лидерите и на двете најголеми политички партии се многу загрижени за здравјето на граѓаните, исто колку и претседателот на државата, исто колку и Уставниот суд, кој не гледа потреба да расправа и одлучува за враќање на парламентарната демократија, кога таму и кога се заседава ништо не се работи, освен што се караат меѓу себе, или како што се вика парламентот е во постојано трошење на народните пари и кога заседава и кога е распуштен, со добра заштеда на дневни и патни трошоци.

Значи, двете партии сигурно ќе победат на изборите кога и да се одржат. Лидерите велат, прво здравје па битка за власт. Убаво кажано. Зоран Заев бара избори на 14 јуни ако попушти епидемијата, апсолутно сигурен во победата. Христијан Мицкоски вели ние не мислиме сега на избори, ама до средината на  јули (12 јули е недела) можат да се одржат изборите, бидејќи и онака ќе победиме  дали тоа ќе биде еден месец порано, или подоцна сеедно. На лидерската средба на 12 мај откако ќе ги слушнат последните извештаи на Венко Филипче и здравствените наоди и проценки на Комисијата за заразни болести лидерите ќе се пазарат за датумот на избори. Најверојатно ќе се сретнат некаде на половина пат. Тоа му доаѓа на 21 или 28 јуни. На 28 јуни е Видовден убав датум на одмерување на силите, како на Косово Поле кога и двете партии ќе победат. Блазе си ни.

Сосема друго прашање е кој ќе состави влада. Тоа не зависи секогаш од победата, туку од 61 столче во парламентот. Како сега стојат работите никој ќе нема 61 пратеник. Тоа ќе биде друго пазарење за поделба на власта.

На 13 мај партиите ќе ги отворат пакетите со надувани шарени балони. Бирај аго што ти е драго. Здравје, па сѐ друго е и мојот слоган.