Бич филм фестивал од 21-25 јули во Охрид


Годинава Beach Film Festival го бележи своето 4-то фестивалско издание. Фестивалот на нов европски филм, одомаќинет во градот Охрид  од 21 до 25 јули ќе се одржи на нова локација, плажата Горица 3. Проекции ќе има и на бродот Армада, како и во Музејско-културниот центар Лапидариум.  На ова издание ќе можеме да погледнеме филмови кои патуваат директно од филмските фестивали во Кан, Венеција, Санденс, Берлинале и преку нив да пропатуваме низ 17 различни европски држави. Она што е важно да се напомене е тоа дека сите фестивалски денови ќе бидат бесплатни, односно ќе се почитува принципот на прв дојден – прв услужен.

Жирито кое ќе одлучува за наградите во трите официјални категории на долгометражен, краткометражен и студентски филм, како и за наградата Стефан Сидовски Сидо за најдобро актерско остварување ќе биде составено од три члена, Сергеј Трифуновиќ – актер, Ана Василевска – филмски теоретичар/критичар, Елеонора Венинова – сценаристка/режисерка. Покрај овие категории, во склоп на фестивалот влегуваат и Специјалните Проекции во чиј склоп ќе биде затворен фестивалот со веќе востановената пракса – прикажување на македонски филм. Оваа година тоа ќе биде филмот Хомо на режисерот Игор Иванов – Изи.

Оваа година ќе настапуваат 6 млади артисти, Хана Корнети, Андреј Татарчевски, Хамбар, Емили, Мартина Пенева и Никола Лошковски. Едукативната програма која е секоја година достапна на програмата, годинава ќе се реализира преку две дводневни работилници. Едната за филмска критика чиј ментор ќе биде Ана Василевска и другата за филмска шминка која ќе ја предводи Ирена Сенокозлиоска.

 4-тото Beach Film Festival се реализира во соработка со Агенција за филм, Општина Охрид, Музејско Културен Ценатр Лапидариум, Europe House Skopje, Delegation of the European Union, Skopje, и бројни спонзори.