Бибер: Бугарското вето е неодржливо
Блокадата на Бугарија на евроинтеграцијата на Македонија го киднапира процесот на проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на Унијата и ги обесхрабрува другите земји кандидати. Потпишувањето декларации со кои аспирантите и земјите членки ќе се обврзат да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања треба да биде стандард, оценува политичкиот аналитичар и експерт за Балканот, професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.Сепак, додава, проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји во ЕУ кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади.
– Бугарската позиција е проблематична од три аспекти. Прво, таа поставува барања од Македонија, кои не треба да бидат предмет на политички одлуки и притисок меѓу земјите. Без оглед како да се толкува историјата, ова треба да биде работа на историчарите, инаку за историјата дискутираат аматери. Исто така, ја става историјата во служба на одредена нација. Второ, наметнување на национална историја на друг е малтретирање и исто така не е во согласност со добрососедските односи. Трето, ваквите прашања не треба да застанат на патот на пристапувањето во ЕУ бидејќи не се однесуваат на подготвеноста на Унијата за Северна Македонија. Со тоа се киднапира пристапот кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан потпишаа двапати декларации со кои се обврзаа да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања. Додека Бугарија нема потпишано, ова треба да биде стандард, вели Бибер.
Се разбира, додава тој, Бугарија има моќ да го искористи своето вето за ова прашање, а за историскиот спор вели не сака да навлегува, бидејќи постојат националистички и еднострани толкувања и во Македонија и во Бугарија.
Во однос на тоа дали сме сведоци на повторување на грчкото сценарио и што ќе значи тоа за европскиот пат на Македонија, австрискиот експерт со став дека овој случај е многу поинаков, но и дека ќе и биде тешко на Бугарија да ја одржи оваа своја позиција
– Малку е поинаку, бидејќи Грција имаше приговор уште од независноста на земјата. Бугарија, пак, иако е јасно дека има различни ставови од Македонија, тоа никогаш не го постави како услов. Со тоа таа уште повеќе губи на кредибилитет. Понатаму, Бугарија е послаба земја-членка на ЕУ со помалку моќ. Јас би очекувал дека ќе и биде тешко да ја одржи својата позиција. Борисов е генерално прагматичен и исто така се обидуваше да не се истакне или да биде во конфликт со мнозинството од ЕУ како Унгарија или Полска, вели Бибер.
Тој оценува дека ветото ќе се одрази обесхрабрувачки на исполнувањето на реформската агенда на земјата, но и дека ќе има последици за евроинтегративниот процес за целиот регион на Западен Балкан.
– Се разбира, тоа е обесхрабрување за реформите и напорите за влез во ЕУ. Ќе може да се каже – зошто да се мачите, ако една земја може да го блокира процесот од која било причина. Она што на овој аргумент му недостига е дека влегувањето во ЕУ никогаш не е цел сама по себе, но владеењето на правото, реформираната економија и другите услови се корисни и важни за земјата да има подобри правила, да биде подемократска и подобро да функционира економијата. Вреди да се ангажирате во реформи дури и ако членството во ЕУ не се случи. Сепак, многу потешко е да се мотивираат и да се привлечат скептиците доколку се појават овие блокади. Повознемирувачко е тоа што нема гаранција дека други членки на ЕУ нема да се вклучат во слични блокади од други причини. Ова сериозно го загрозува кредибилитетот. Особено во однос на прашањата што е потешко да се решат, како што се односите меѓу Србија и Косово, тешко е да се види зошто Србија треба да се согласи на компромис, ако и се нуди само многу неизвесна ЕУ – иднина, нагласува Бибер
За тоа во чиј интерес е да се блокира процесот на евроинтеграција, Бибер смета дека во случајов станува збор за кратковид националистички став на Софија.
– Во овој случај, тоа е кратковид националистички став на сегашната бугарска влада. Мислам дека не е стратешки, бидејќи плаќа цена за таквата позиција во ЕУ и исто така ги нарушува нејзиниот кредибилитет и односите со Македонија. Постојат и други кои се скептични во однос на проширувањето, како што се Франција и Холандија. Сепак, не изгледа дека тие во моментов се „кријат“ зад бугарската позиција. Проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади, заклучува аналитичарот Флоријан Бибер.