Би-Би-Си ги анализира посмртниците, гробиштата… Резултатите се поразителни за Русите
Откако почнаа мировните преговори бројот на загинати руски војници се зголемил за 40 проценти. Дневно се издаваат во просек по 322 посмртници
Како што се интензивираа мировните напори во 2025 година под притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, руските извори објавија 40 проценти повеќе смртни изводи за војници отколку во истиот период претходната година.
Вкупно, Би-Би-Си досега ги потврди имињата на речиси 160.000 луѓе кои загинале борејќи се на руска страна во Украина.
Би-Би-Си на руски ги следи руските жртви од војната заедно со независната веб-страница „Медиазона“ и група волонтери од февруари 2022 година. Води список на идентификувани лица чија смрт може да се потврди врз основа на официјални извештаи, статии во весници, објави на социјалните медиуми и нови споменици и гробови.
Се верува дека вистинскиот број на загинати е значително поголем. Воените експерти со кои разговараше Би-Би-Си проценуваат дека анализата на гробиштата, воените споменици и посмртниците сочинуваат само 45 до 65 проценти од вкупните жртви. Ова би го поставило бројот на убиени руски војници помеѓу 243.000 и 352.000.
Бројот на посмртници објавени во одреден период е прелиминарна проценка на потврдените жртви, бидејќи некои информации бараат дополнителна верификација и подоцна се отфрлаат. Сепак, тој дава индикација за промените во интензитетот на борбите со текот на времето.
Бројот на жртви расте за време на мировните преговори
2025 година започна со релативно мал број на посмртници во јануари, во споредба со претходните месеци. Бројот се зголеми во февруари, кога Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ги одржаа своите први директни разговори за завршување на војната во Украина.
Следниот врв беше во август, кога двајцата претседатели се сретнаа во Алјаска, што Путин го сметаше за голем дипломатски успех и симбол на крајот на неговата меѓународна изолација.
Во октомври, кога планираниот втор руско-американски самит конечно беше откажан, а потоа во ноември, кога САД презентираа мировен план од 28 точки, во просек беа објавувани 322 посмртници дневно, двојно повеќе од просекот во 2024 година.
Тешко е да се припише зголемувањето на руските жртви на една единствена причина, но Кремљ ги гледа територијалните добивки како средство за зајакнување на својата преговарачка позиција со САД. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, неодамна забележа дека „неодамнешните успеси“ имале позитивно влијание врз разговорите.
Поголемиот дел од Русите убиени на бојното поле во 2025 година на почетокот на војната немаа никаква врска со војската, според податоците на Би-Би-Си. Но, од крвавата Битка кај Авдиевка во октомври 2023 година, има постојан пораст на жртвите меѓу таканаречените „волонтери“, луѓе кои доброволно се пријавиле за војската по почетокот на инвазијата.
Тие сега го сочинуваат мнозинството нови регрути, за разлика од професионалните војници кои се приклучија пред инвазијата или оние кои беа мобилизирани откако таа започна. Пред една година, волонтерите сочинуваа 15 проценти од убиените руски војници, но до 2025 година тој удел се искачи на една третина.
Локалните власти, под притисок да обезбедат постојан прилив на нови регрути, нудат високи парични бонуси, таргетирајќи ги луѓето со големи долгови и водат кампања на универзитетите и колеџите. На овој начин, Кремљ успева да ги надомести големите загуби на бојното поле, избегнувајќи ја политички ризичната одлука за задолжителна мобилизација од големи размери.
Според заменик-шефот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, до октомври оваа година 336.000 луѓе се пријавиле за војска, повеќе од 30.000 месечно.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, подоцна изјави дека околу 25.000 руски војници умираат секој месец. Ако обете проценки се точни, Русија сè уште регрутира повеќе војници отколку што губи.
Некои регрути погрешно веруваат дека по една година можат да се вратат на стариот живот со голема сума пари. Нов регрут може да заработи до 10 милиони рубли (околу 108.000 евра) за една година. Всушност, сите договори потпишани со Министерството за одбрана од септември 2022 година автоматски се продолжуваат до крајот на војната.
Вкупен број жртви
Според НАТО, вкупниот број на руски војници убиени и ранети во војната е околу 1,1 милион, а еден официјален претставник процени дека загинале околу 250.000 луѓе. Ова е во согласност со проценките на Би-Би-Си, иако нивниот список не ги вклучува убиените кои служеле во милициите на двата окупирани региони во источна Украина.
Украина, исто така, претрпе големи загуби. Претседателот Володимир Зеленски во февруари изјави дека 46.000 украински војници биле убиени на бојното поле, додека 380.000 биле ранети. Тој додаде дека десетици илјади се исчезнати или се држат како заробеници.
Врз основа на други проценки и споредба на достапните податоци, Би-Би-Си проценува дека досега се убиени до 140.000 Украинци.