БГНЕС: За Николоски Бугарите се мизерни, немаме заедничка историја ни заеднички корени
Македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски ги нарече Бугарите „мизерни“, пренесе БГНЕС.
-Десната рака на премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Бугарите и Македонците немаат заедничка историја или заеднички корени.
„Земјите водат војни, но кога нивните претставници ќе седнат да преговараат, знамињата на двете земји се подигнати. Пристојно е кога некој ќе дојде да ве посети да го ставите нивното знаме. Не очекувам претседателот да гледа каде има знаме или нема, тоа е работа на домаќинот“, изјави Николоски во интервју за македонската телевизија „Алфа“ во врска со посетата на Гордана Сиљановска-Давкова на Софија.
„Очигледно домаќинот не е цивилизиран, ако сакаат нека ми испратат протестна нота. Не се достоинствени, немаат почит. Само оние слуги кај нас што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја , што ја немаме, се помизерни од нив. Оние што се согласија со нивните потписи дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека никогаш нема да влеземе во Европската унија ако не признаеме дека сме Бугари и имаме бугарски корени“, го пренесува БГНЕС Николоски.
БГНЕС потсетува дека средбата на 13 септември меѓу Сиљјановска и Румен Радев не била официјална, односно не барала официјален протокол. Таа се случила откако македонската претседателка во Софија се самопоканила. Сепак, отсуството на македонското знаме од јавните фотографии предизвикало бурни реакции во соседна Северна Македонија.
-Ова режимот Мицкоски го користи за пропаганда и сеење омраза кон Бугарија. Бугарскиот амбасадор во Скопје Жељаско Радуков дури бил повикан да даде објаснувања во македонското Министерство за надворешни работи, пишува БГНЕС забележувајќи дека знамето на Северна Македонија недостасувало и на средбите меѓу Христијан Мицкоски и хрватскиот претседател и премиер, кои се одржаа не така одамна, но по нив немало реакција.