Без фудбал и политика, вели Мирослав Масин пред големата изложба во Даут пашин амам

Дефинитивно сум повеќе опуштен сега отколку некогаш. И можам да си го дозволам тоа. Дали биле тука оние со подлабоки џебови или не биле – јас сум задоволен


„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“. Денес, на пресот, воочи утрешната голема изложба во Даут пашин амам, замислена како ретроспектива на досегашните 40 години творештво, уметникот Мирослав Масин (1963, Скопје) не кажа што мислел со насловот. Ама, децидно кажа, дека кај него во ателјето не се зборува за фудбал и политика зашто испаѓаат силни караници. Остава впечаток дека не рационализира премногу околу своето творештво, за кого критиката се изјасни дека …„неговата визија не е отпор кон технолошкиот напредок, ниту иронија или игнорирање на придобивките на модерноста, но повеќе е предупредување за насоките во кои се движи човештвото денес“… 

„Додека растев сознавав дека има многу други добри автори на кои само им дишам во вратот. Младите автори треба да знаат дека треба многу работа и дека сите сме генијалци дома, но штом излезеш надвор од ателјето или од станот, има други фактори што ти укажуваат дека си само еден од многуте генијалци, со или без наводници. Понекогаш треба да поминат години, па и векови за историјата да соџвака нешто и да се потврди мислењето на мајка ми или мајка ти дека сме најдобри“, вели Масин. 

Како времето минува тој е сѐ повеќе опуштен.

„Дефинитивно сум повеќе опуштен сега отколку некогаш. И можам да си го дозволам тоа. Дали биле тука оние со подлабоки џебови или не биле – јас сум задоволен. Фала богу жив сум и живеам само од сликарството. Немам други приходи. Дури немам ни статус на слободен уметник. Има живеачка ако ова си го работиш чесно. Кога си помлад кога почнуваш, раснеш, се развиваш… нормално е дека е по комплексно. Сега некако полека ги надминувам баналните работи“, вели уметникот кој поминал низ неколку креативни фази, но најпрепознатлив останал по мајмунот и во тоа време го свртел вниманието кон себе на француската културна јавност, како што истакна денес на пресот, директорката на НГ, проф.д-р Дита Старова Ќерими чиј татко, Луан Старова, тогаш беше македонски амбасадор во Франција.

– Изложбата не е само прослава на уметноста, туку и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на нашата македонска ликовна сцена. Националата галерија низ годините покажа голема грижа за валоризација, ревалоризација и презентација на најзначајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат значајни остварувања во нашиот визуелен паноптикум. Мирослав Масин е несомнено еден од нив, рече Старова – Ќерими.

Таа меѓу другото ја потенцира и различноста на уметничкиот репертоар на Масин со кој ќе може да се запознае публиката, од мртви природи, портрети до фигуративни фантастични композиции…

– Неговото дело ги надминува границите и зборува универзален јазик кој резонира со сите што го гледаат. Но надвор од платното, наследството на Масин се протега надалеку и на широко. Тој не е само сликар, тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира и да не обедини во нашата заедничка човечност. Оваа изложба ќе биде прослава на извонредното дело на Масин и ќе не поттикне да размислуваме за длабокото влијание што уметноста го има врз нашите животи. Нека оваа изложба не инспирира сите да ја прифатиме убавината што не опкружува, порача Старова – Ќерими.

Масин дипломирал на ФЛУ во Скопје во 1988 година. Зад себе има околу 40 самостојни и 200 групни изложби во: Македонија, Австрија, Данска, Франција, Бугарија, Турција, Италија, Чешка и Америка.

Утревечер, на изложбата, од 20 часот, за која веќе има огромен интерес, ќе бидат изложени над 150 дела на Масин, слики и објекти, од сите творечки фази и во сите техники, како што појасни денес кураторката на изложбата, Маја Чанкуловска-Михајловска.

Ќе бидеме сведоци на поделбата на очи, панделки, гради, усни, опашки, фрагменти кои имаат свое значење во процесот на трансформација: посебно усните насликани во стилизирана форма што потсетува на пеперутка или панделките кои се оној преоден знак за цивилизацискиот пресврт, сведување на телесните ликови/форми до фундаментални белези: клун, око, задник, стапало…Како и многу други сликари, Миро’ дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати… секакви. Еве, освен „нормални“ слики од циклусот „Enchante“, на изложбава ќе има и музички инструменти што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Пијано, столица, дури и неговото сако на прес-конференцијата. (Л.С.)