Бесплатен влез во културните установи, музеи и галерии за Денот на независноста
По повод чествувањето на големиот празник, 8 Септември – Денот на независноста, под мотото: „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.
Дополнително, од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.
Сите заинтересирани граѓани, ќе имаат можност до 20 часот бесплатно да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.
Граѓаните и во Битола, имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.
Во Скопје, ќе бидат отворени, со бесплатен влез за сите заинтересирани граѓани Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.